СКОПСКО – инфо

103

Без струја дел од Кисела Вода, Аеродром и од Карпош

Без електрична енергија денеска, од 12 до 15 часот, ќе останат дел од корисниците од улиците Пролет и Мирче Ацев, зад Олимпискиот базен. Без струја ќе биде и полициската станица Кисела Вода. Прекин во напојувањето со електрична енергија денеска, од 8.45 до 11.30 часот, ќе имаат и корисниците на дел од улиците Руди Чајавец број 45 и 47, како и улицата 23 Октомври, делот кај градинката и црквата „Свети Илија“ во населбата Аеродром.
Во периодот од 9 до 12 часот, струја ќе немаат и некои од оние што живеат на улиците Франце Прешерн и Марк Твен во општината Карпош. Речиси седум часа, поточно од 8.30 до 15 часот, без електрична енергија ќе останат дел од жителите од селото Добри Дол во општината Сопиште. Четиричасовен прекин во напојувањето со струја, од 9 до 13 часот, ќе имаат и дел од жителите на улицата Лазар Димитров во општината Кисела Вода.

Нови душеци и мебел за градинката „Расадник“ во Кисела Вода

Нови 300 креветски душеци, постелнина, гардероба, плакари, теписони, пластични анатомски и дрвени столчиња, како и 23 масички добија дечињата што ја посетуваат градинката „Расадник“ во Кисела Вода. Од општината Кисела Вода велат дека и во иднина ќе се заложуваат да ги подобрат условите за децата во градинките и ќе продолжат со вакви активности. Оваа година подобри услови за престој во градинките добија децата што ги посетуваат објектите на јавната детска градинка „8 Март“.
– За дечињата што поголемиот дел од денот го поминуваат во градинката „Расадник“ се набавени 300 нови душеци за рекс-креветчињата, нова постелнина, нови гардероби, плакари за складирање на детските креветчиња, теписони за игра, повеќе пластични анатомски столчиња, нови 124 детски дрвени столчиња и 23 масички. Покрај ова, во објектот „Расадник“ целосно се обновени седум тоалети. За децата што ја посетуваат градинката во населбата Пржино се набавени 200 душеци за детските рекс-креветчиња, нова постелнина, детски столчиња и масички, теписони за игра, гардероби за сите простории, потемнувачки зебра-завеси, клупи за соблекување и облекување чевли и анатомски пластични столчиња – информираат од општината Кисела Вода.
Од оваа скопска општина додаваат дека објектите на „8 Март“, „Пеперутка 1 и 2“ се опремени со нови душеци за бебешките креветчиња, анатомски пластични столчиња и повеќе теписони за игра и забава на децата. Нови теписони се набавени и за објектите „Стапалче“, „Ѕуница“ и „Зелениково“.