„Скапоцените камења“ на скопската Чаршија стануваат видливи преку мобилна апликација

252

Почнувајќи од денеска, посетителите на стариот дел од Скопје – Чаршијата, ќе имаат можност да ја доживеат на целосно нов начин. На нивно располагање ќе биде мобилната апликација „Скопските скапоцени камења“ (Skopje Gems), со која на посетителите им се нудат седум туристички рути низ Чаршијата и водич до врата на сопствениците на продавниците со стари занаети, вкусна храна, како и до музеите, религиските обележја и историските места во стариот град.

Апликацијата која е достапна на десет јазици беше развиена од Институтот за стратешки истражувања и образование (ИСИЕ), со помош на грант доделен од Регионалниот совет за соработка (РСС), преку Проектот за развој и промоција на туризмот што е финансиран од Европската унија и кој е наменет за унапредување и меѓународна афирмација на регионалниот културолошки и авантуристички туризам што го нуди Западен Балкан.

– Мобиланата апликација ‘Скопските скапоцени камења’ е освежувачи туристички производ. Тој покажува како технологијата може да биде аплицирана во туризмот и како преку раскажување на приказни преку вакви апликации се промовираат дестинациите и локалниот бизнис. Освен што ја раскажува приказната за скопската Чаршија, дополнителна вредност е тоа што ги води посетителите до нивните домаќини, сопствениците на дуќаните, кои секој посебно има своја приказна за раскажување, што значи дека посетата на Стариот град ќе биде уште поинтересна и поуникатна- изјави Снежана Дервишкадиќ, лидер на Проектот за развој и промоција на туризмот на РСС.

Апликацијата е бесплатна преку „Ап стор“ (App Store) и „Плеј стор“ (Play Store) и ќе биде широко промовирана почнувајќи од скопскиот аеродром преку хотели, туристички инфоцентар, агенции, барови и ресторани, како и преку интернет и преку социјални медиуми.

– Основната идеја што не водеше при развивањето на апликацијата ‘Скопските скапоцени камења’ – кратенка од ‘Скриениот скапоцен камен на Скопје – Стариот град’ е тоа што, сакавме да го направиме културното наследство на Скопје, Чаршијата, достапно за што повеќе луѓе. За разлика од традиционалната масовна продукција што ја презема целиот свет, нашата Чаршија сè уште е домаќин на некои од старите традиционални занаети, како што се капи, папучи и правење свеќи, ковач и резба. Се надеваме дека ќе ги зачуваме овие занаети така што ќе ги претвориме во туристичка атракција што ќе создаде долготрајни спомени за нашите посетители – изјави Мишо Докмановиќ, претседател на Бордот на Институтот за стратешки истражувања и образование.