Се чека новите мерки да го подобрат превозот со ЈСП?

291
Фото: Дарко Андоновски

Билетот за едно возење ќе биде наменет само за еднократна употреба, ќе биде хартиен, со вграден бесконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди

Откако е воведен новиот систем за наплата во автобусите на ЈСП, настанаа низа проблеми со кои корисниците на јавниот превоз често се среќаваат. Поголемиот дел корисници преку новиот систем со електронски чипирани картички се побунија затоа што услугата за дополнување на електронската картичка не беше регулирана на истиот начин како претходно. Проблеми предизвикуваат недоволниот број пунктови за дополнување на картичката, немањето увид во паричните средства во картичката и преостанатиот број на возења. Со електронските картички посетителите што доаѓаат надвор од градот или туристите речиси немаат можност некако да ги користат услугите на јавниот превоз, бидејќи нема дневни билети што може да се извадат во самиот автобус.

За да се решат некои од овие проблеми, скопскиот градоначалник Петре Шилегов навестуваше дека ќе се воведе еднократен билет, кој ќе овозможи користење на услугите на јавниот превоз за туристите и луѓето надвор од Скопје, а понатаму и мобилна апликација преку која ќе може да се има подобар увид и менаџира скопската картичка. Како што може да се забележи, еднократен билет не е воведен и доцни веќе еден месец, а од новата апликација ни трага ни глас.

Сепак, се поставува прашањето дали и овие нови пристапи ќе ги подобрат или ќе го продлабочат проблемот со услуга во јавниот превоз. Според информациите од ЈСП, апликацијата што ќе биде наменета за паметни телефони базирани на оперативниот систем андроид на корисниците ќе треба да им овозможи купување различни видови билети. Корисничката апликација ќе има модуларна структура и ќе содржи функции како: паричник што ќе може да се дополнува, да се има преглед на сметката и да се надгледува листата на активни билети со времетраење. Ова претставува позитивен чекор и би решил дел од досегашните проблеми, како имањето на увид во бројот на возења и генералното менаџирање на скопската картичка. Но доколку не се изгради апликација и за корисниците на ајфон, тогаш би имале проблем и одреден број патници не би можеле да ги користат овие услуги. Кога станува збор за билетот за еднократна употреба, тој се воведува за да се овозможи да го користат јавниот превоз пред сѐ лицата што доаѓаат од други места.

– Станува збор за дополнување со нова услуга на Одлуката за интегриран тарифен систем во линиски превоз на патници, односно билет за едно возење. Билетот ќе биде наменет само за еднократна употреба, ќе биде хартиен, со вграден бесконтактен чип, изработен со највисоки безбедносни стандарди, компатибилен со постојната опрема, односно ќе се валидира бесконтактно на постојните валидатори – велат од ЈСП „Скопје“.

Досегашниот систем им овозможува на патниците да платат преку мобилен телефон доколку се на македонските мрежи „Т-мобиле“ и „А1“, но цената преку мобилен е повисока од нормалниот билет и изнесува 40 денари, пет денари повеќе од вообичаената цена.

Инаку, секој патник што ќе биде затекнат да користи јавен превоз во автобусите на ЈСП „Скопје“ без билет, овластениот контролор има должност да му издаде казна во износ од 1.000 денари. Во спротивно, наплатата ќе биде реализирана со ангажирање овластен извршител, во износ од 3.085 денари.

Еднократниот билет, кој ќе изнесува 50 денари, би требало да го реши овој проблем. Но дали навистина еднократниот билет, кој е со уште повисока цена, го решава овој проблем? Немањето други опции за користење на јавниот превоз што се еднакви за луѓето од други градови и за туристите некако ги остава како граѓани од втор ред.
Еден од најголемите проблеми на граѓаните претставува дополнувањето на електронските картички на ЈСП. Претходно можеше во секој автобус да се купи хартиена карта и да се искористи услугата за превоз во јавниот транспорт на самото место. Со воведување на електронските картички, граѓаните треба да платат одредена сума пари, при што ќе ја наполнат електронската картичка, за да можат подоцна да користат одреден број возења.

Дополнување на електронските картички може да се овозможи на пунктовите на ЈСП или во киоск и трафика што имаат таква опција. Граѓаните се жалат што нема доволно пунктови, но срцевината на проблемот е што во суштина се наплаќа за услуга што всушност не е толку достапна.

– За мене најголем проблем со новиов систем е тоа што ме тера да одам до одредено место да ја наполнам електронската картичка, па подоцна да можам да ја користам. Тоа ти е како да платиш да јадеш во ресторан, а кога ќе стигнеш да ти кажат дека за да јадеш таму, треба да излезеш некаде надвор, па и далеку од ресторанот, за да можеш да седнеш и да јадеш во ресторанот. Исто така, ако имаш билет за 10 возења, а во исто време некој ден имаш потреба да се возиш ноќно време, тоа е технички невозможно со истата картичка, па, така, мора да извадиш втора само за тоа возење. За каква услуга тука станува збор? Како тие ме услужуваат мене и како ми го поедноставуваат животот? Тие мене ме одвлекуваат јас да ги користам нивните услуги – вели Иво Г.
Во претходни објави „Нова Македонија“ го истражи проблемот за намалување на бројот на корисници на јавниот превоз. Горенаведените причини се дел од причините за намалување на бројот на корисници во јавниот транспорт, затоа може да се забележи дека е потребно да се смени и подобри услугата за да се привлечат граѓаните да го користат јавниот транспорт.


Eвропските градови и услугата во јавниот превоз

Практиките во Европа се разликуваат. Во Германија обично постои можност да се купи билет од возачот на автобус или од електронски машини за билети. Тие немаат проблеми како во Скопје, затоа што речиси на секое место каде што има автобуска станица има и уред преку кој може да се извади хартиен билет. Во однос на видот на услугата што се користи, дали станува збор за еднократен, еднодневен или билет за едно возење, тој има само различна ознака. Дури има и билети што важат не само за автобуси туку и за метро и за трамвај, а имаат и билети што траат одредено време на часови. Тоа значи дека со еден билет може да се користи која било можност од јавниот транспорт, и тоа на многу ефикасен и едноставен начин. Во некои швајцарски градови мора да имате билет пред да се качите во автобус или во трамвај. Италија има сличен пристап како Германија. Пример е градот Венеција, каде што постојат т.н. „вапоретите“, водни автобуси што работат 24 часа на ден и се едни од најевтините начини за движење. Како и во Германија, може да платите билет од 24, 48 или 72 часа што важат од прва употреба. Можете дури и да купите билет што ви овозможува да го користите автобусот од аеродромот до терминалот во Венеција, кој е вклучен во цената. Во Австрија нивниот систем на јавен превоз е ист како во Германија. Најкористена опција за туристи е опцијата за виенската картичка, која овозможува неограничено патување во Виена за 48 часа. Овој тип картичка е застапена во поголемиот број европски градови. Повторно системот се заснова на доверба со проверка на инспекторите за билети за да бидат сигурни дека имате валиден билет. Истиот принцип за јавен транспорт е застапен и во Унгарија.