Се решава ли фрлањето на кабестиот отпад само со акции?

203
Комуналните инспектори и редари веќе пишуваат казни и до 200 евра Фото: Игор Бансколиев

Додека надлежните апелираат граѓаните да покажат поголема колективна одговорност кон животната средина, минатата недела кабаст отпад заврши во реката Вардар. Овој отпад не се собира секојдневно како што се собира ѓубрето, се бара решение да се собира барем еднаш месечно

Каучи и стари фотелји, дотраени електронски апарати, клозетски шолји, врати, прозорци и што уште не се исфрла покрај контејнерите наменети за отпад. Потоа стојат со денови, затоа што комуналците секојдневно го собираат само ѓубрето, но не и кабестиот отпад. Ваквите грди слики се повторуваат со години, постојано секоја есен, пролет и лето, периоди кога граѓаните најмногу уредуваат или преуредуваат во своите домови. Тогаш нивните стари и непотребни делови од мебелот завршуваат на јавни површини, најчесто близу контејнерите за отпад. И додека надлежните апелираат граѓаните да покажат поголема колективна одговорност кон животната средина и заедничкиот простор, минатата недела кабаст отпад заврши во реката Вардар. Актерката и еколошка активистка, Ирена Ристиќ, објави и фотографија на која се гледаше како тој плови во речните води. Зачестеното фрлање на кабестиот на јавни површини ја преполни чашата на надлежните, па комуналните инспектори почнаа и да казнуваат за непрописно фрлање. Пропишаните казни соодветствуваат на оние за фрлање ѓубре на јавна површина од Законот за јавна чистота, па секој што ќе биде затечен како исфрла кабаст отпад ќе биде и соодветно казнет.

Во согласност со Законот за јавна чистота, за оваа проблематика се надлежни градските комунални инспектори и редари и општинските комунални инспектори и редари. Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ во континуитет работат на подобрување на услугите за граѓаните, во насока на фрлањето на кабестиот отпад на граѓаните. Во тој контекст, како поволност во таа област, градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ овозможија граѓаните својот кабаст отпад со сопствен превоз да можат бесплатно да го остават во центрите за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште, како и во претоварната станица во Шуто Оризари. Паралелно со овие можности, инспекциските служби на градот Скопје работат на терен за санкционирање на сите оние што не се придржуваат до законските одредби и начини за фрлање ваков вид отпад, а казните се движат од 50 до 200 евра, истакнуваат од градот.

Кабестиот отпад не се собира секојдневно како што се собира ѓубрето. Има предлози комуналците еднаш месечно да поминуваат и да собираат кабаст отпад. Акциите за собирање, веројатно, секогаш не се поклопуваат со потребите и желбите на граѓаните. Многумина коментираат дека токму тука е и клучот на проблемот, да се анализираат потребите и постапките на граѓаните или, пак, дефинитивно сите да се придржуваат кон сегашниот начин на ослободување од кабестиот отпад, со сопствен превоз да го однесат до центрите за селекција во Карпош и во Вардариште или, пак, да си платат за услугата ако го повикаат ЈП „Комунална хигиена“.

– За жал, постојано се фрла отпад до контејнерите и на платформите на подземните садови, како и на јавни површини. По повик од граѓаните да се фрли кабаст отпад цената е приближно 1.000 денари, независно за каков тип отпад станува збор.

Скршените плочки се градежен материјал и тие не спаѓаат во наша ингеренција, туку граѓаните и градежните форми се должни да ги транспортираат на депонијата „Дрисла“. Не сме размислувале во претпријатието за тоа еднаш неделно или можеби месечно да врти камион и да собира кабаст отпад, како што секојдневно го собираме сметот. Затоа најпогоден начин е да се постават специјални садови во кои граѓаните ќе имаат неколку дена можност да го одложат овој тип отпад. Она што е најзначајно е дека ние ја нудиме опцијата сосема бесплатно граѓаните да го фрлат кабестиот отпад во нашите центри за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата од 7 до 19 часот -објаснуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Деновиве многу домаќинства поитаа да ги исфрлат старите предмети и да ги искористат акциите за собирање кабаст отпад што беа дел од масовната акција за генерално чистење на сите скопски општини, организирана од јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Во секоја општина комуналците оставаа по три контејнери на три различни локации за фрлање на кабестиот отпад. Така, тој единствено можеше да заврши на вистинско место, наместо на јавни површини или покрај контејнерите за ѓубре.