Се реконструира ОУ „Васил Главинов“ во Чаир

97

Се кира ОУ „Васил Главинов“ во Чаир, а со обновата на објектот се опфатени трите блока на училишната зграда. Исто така ќе биде извршена целосна внатрешна санација и на електричната инсталација. За реконструкцијата на едно од најстарите училишта во Скопје ќе бидат вложени повеќе од 14 милиони денари. Министерството за образование ќе инвестира и во обнова на покривот на училиштето, а ќе ја обнови и спортската сала.

– Откако ќе завршат градежните работи во овие три блока, ќе продолжиме со јавна набавка и за последниот блок „Г“ и целосна реконструкција на спортската сала на ова училиште. Министерството за образование и наука обезбеди средства во рамките на проектната единица и за покривот на училиштето, со инвестиција од над 10 милиони денари. Максимално сме посветени да ја подобриме инфраструктурата, не само во општината Чаир туку и на национално ниво каде што има потреба – рече ресорниот министер Арбер Адеми, кој вчера го посети училишниот објект заедно со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Во ОУ „Васил Главинов“ следат настава околу 900 ученици од различни етнички заедници. Објектот е изграден пред далечната 1963 година, односно најстариот дел е од 1956 година. Два блока се доизградени во 1968 година. Градежните работи во првата фаза се очекува да траат до април, а дотогаш наставата нема да биде во прекин, за тоа привремено ќе се користат и четири училници од вечерното училиште „Макаренко“.