Се реконструира булеварот Осми септември

278

Почна реконструкцијата на булеварот Осми септември, на потегот од булеварот Илинден до улицата Скупи. Во текот на градежните работи ќе се извршат комплетна реконструкција на коловозот, обнова на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри.
– Реконструкцијата ја почнуваме со тротоарите и велосипедските патеки, а во текот на неделата ќе се префрлиме и на коловозот. Станува збор за релација долга 980 метри, која претставува главна артерија што ги поврзува населбите Карпош 2, 3 и 4 со Злокуќани, Бардовци, Момин Поток и другите населби во северниот дел од градот. Ќе изведеме и нова велосипедска патека, со што ќе го завршиме таканаречениот Конектор број пет и ќе ги споиме населбите Карпош, Злокуќани и Бардовци со велосипедската патека на кејот на Вардар. Ќе формираме и нов дрворед од околу 100 дрвја, а ќе уредиме и средишна жардиниера – истакна градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
За реконструкција на булеварот Осми септември ќе се вложат 43 милиони денари, со вклучен ДДВ, а градежните работи треба да завршат во рок од 40 дена.
Булеварот Осми септември е десетта реконструкција што ја почнува Град Скопје во изминативе две недели. Поради тоа, Шилегов упати апел до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на сообраќајниците, за да ја дочекаме зимата со реконструирани улици во сите општини.