Се однесуваат ли таксистите според кодекс

414
Фото: Игор Бансколиев

За време на вршењето на превозот, такси-возачот мора да биде уреден, чист, потстрижен, избричен или со негувана брада и мустаќи, со чиста облека. Да се однесува културно и достоинствено кон патниците и не смее да пуши во возилото. Во летниот период, такси-возачот не смее да го врши превозот облечен во куси панталони, шорц, маица без ракави, односно без кошула или маица, без чевли, патики или сандали на нозете

Нашите такси-возачи не се подготвени како на пример лондонските, но добро е да се стремат кон нешто што е подобро или барем да се придржуваат до некаков кодекс на однесување. За жал, сѐ уште има поединци што пушат во такси-возилото или, пак, се неуредни кога превезуваат патници. Граѓани тврдат има и такви што работат како таксисти, а не ги знаат сите улици во градов. Други, пак, велат дека некогаш и самите такси-возила не се во исправна состојба или имаат разни недостатоци, како на пример заглавен прозорец од кој патникот е изложен на провев. Ова не смее да им се случи на лондонските такси-возачи, ама на некои наши им се случува. Лондонските таксисти треба да ги знаат сите улици што ќе ги поминат, треба да ги знаат сите свртувања и улици со одредена забрана на движење. Целиот план за патот треба да го имаат во главата пред да почнат да возат. А некои наши таксисти честопати се неинформирани или намерно ги вртат патниците во сопствената населба на живеење, само таксиметарот да им отчука денар повеќе за наплата. Не се исти правилата за однесување на нашите и на странските таксисти, како што не се исти ниту испитите за да се стане таксист.

Кога веќе зборуваме за Лондон, таксистите поминуваат исцрпен и долготраен процес. И кај нас таксистите првин мора да полагаат испит, а едно време мораа да посетуваат и курс по англиски јазик. Безработицата многумина натера да заработуваат за живот, возејќи како таксисти, што лиценцирани што нелиценцирани, кои возат на диво и најчесто не им се знае бројот. Недоличното однесување на некои од таксистите најчесто им се припишува на дивите таксисти, иако такви има и во некои помали компании. Ова го тврдат од Групацијата на автотакси-превозници на градот Скопје. Од градот, пак, наместо да ни одговорат на прашањето, дали има претставки од граѓани за недолично однесување на таксисти, ни испратија одговор за тоа дека таксистите треба да го почитуваат кодексот на однесување.

– Во врска со кодексот на однесување на лицата што вршат превоз, во одлуката за автотакси-превоз на патници на подрачјето на градот Скопје се вели дека, за време на вршење на превозот, такси-возачот мора да биде уреден, чист, потстрижен, избричен или со негувана брада и мустаќи, со чиста облека. Да се однесува културно и достоинствено кон патниците и не смее да пуши во возилото. Во летниот период, такси-возачот не смее да го врши превозот облечен во куси панталони, шорц, маица без ракави, односно без кошула или маица, без чевли, патики или сандали на нозете. Такси-возачот не смее да го врши автотакси-превозот под дејство на алкохол, дрога и други опојни средства – велат од градот Скопје.

Скопјанка, пак, која често користела такси-превоз, кажува дека среќавала секакви таксисти.

– Има такви што веднаш ќе почнат да разговараат со вас за актуелните политички случувања или, пак, да ве распрашуваат за тоа каде работите што работите. Ми се случило и да налетам на млад такси-возач, кој ми кажа
дека не ги знае сите улици, па јас морав да му кажувам каде треба да одиме. Но најмногу мразам кога ќе влезам кај таксист што е неуреден или пушел пред да влезам во возилото – се пожали Марија Т.

Но некои таксисти, пак, тврдат дека на младите возачи им помага уред за навигација за полесно да се снајдат додека се на почетокот.

– Навигацијата е ставена за да им помогне на таксистите почетници за полесно и побрзо да се снајдат и да стигнат до дадената локација. Нема услов за поставувањето уред за навигација кај секој таксист – вели Сашо Рајчановски од Групацијата на автотакси-превоз на градот Скопје.

Но дали станува збор за начинот на дејствување на нелојалната конкуренција или, пак, е во прашање непочитување на правилата? Се наметнува и прашањето што е потребно за да се стане автотакси-возач. Како се добива лиценца за автотакси-возач кај нас, а какви се искуствата во други држави?

Според законот за превоз во патниот сообраќај, при вршење на автотакси-превоз возачот е должен во возилото да има сертификат за автотакси-возач. Но за добивање на сертификатот претходно треба да се приложи потврда за завршена обука дека кандидатот е стручно оспособуван. Според правилникот од Министерството за транспорт и врски има одредена постапка за да се стане автотакси-возач. Се полага испит што се состои од теоретски дел, а се полага и писмено. Тестот се состои од 45 прашања на кои одговорот се дава со заокружување на точниот од трите можни одговори. Испитот трае 2 часа. Се смета дека испитот го положил оној кандидат што постигнал најмалку 60 проценти од вкупниот број предвидени позитивни поени. Но она што е важно во случајов, е тие што го положиле испитот да паднат на испит пред своите клиенти.


Лондонските таксисти мора да проучат 320 правци и 25.000 улици

За разлика од кај нас, во Лондон е поинаков патот по кој треба да се оди за да се стигне до автотакси-превозник. Лондон се простира на 1.572 квадратни километри. Во радиус од 10 километри има околу 60.000 улици и патишта, во кои има еднонасочни улици и улици со забрана за свртување, исто така има повеќе од 100.000 места на интерес. Еден искусен таксист од Лондон мора да ги знае сите овие работи.

Потенцијалните такси-возачи мораат да го имаат положено соодветен тест. Тоа се серија тестови што мора да бидат успешно поминати од сите оние што сакаат да станат возачи на препознатливите лондонски црни такси-возила, за да можат добијат лиценца за работа во главниот град. Таксистите мора да проучуваат околу 320 правци и 25.000 улици и да ги знаат и во сон. Исто така треба да меморираат околу 20.000 обележја и места од јавен интерес, од туристички дестинации до музеи, паркови, цркви, театри и училишта.

– Тоа е тест што мораш да го поминеш за да станеш таксист во Лондон. Имено, тоа е најтешкиот такси-тест во светот. Првото нешто што треба да се научи е книгата наречена „Сина книга“, која е библијата на секој такси-возач. Треба да научиш 320 патишта во Лондон, област од 1.660 квадратни километри, 25.000 улици и патишта, наедно сите точки во градот што се од некаков интерес – вели Петар Алан, кој е лондонски такси-возач девет години.

Процесот обично трае помеѓу две и четири години. Самиот процес најчесто се споредува со атлас што треба да е вграден во вашиот мозок. Следните црни таксисти откако ќе ги научат овие работи мора да поминат писмен тест и серија од усни испити пред да можат да ја добијат лиценцата. Тестот е навистина тежок затоа што за разлика од повеќето возачи на такси, на црните таксисти не им е дозволено да користат навигација за да го пронајдат својот пат. Наместо тоа, тие мора да го знаат својот пат низ огромната метропола од 9 милиони луѓе целосно и само по меморија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева