Сервали и птици Скарлет Ибис пристигнуваат во скопската Зоолошка

147

Наскоро во Зоолошката градина Скопје ќе пристигнат сервали и црвени птици од видот Скарлет Ибис.

Сервалите се африкански предатори од семејството мачки. Сервалот е еден од најголемите претставници од седумте видови мали мачки, кои го населуваат континентот.

Сервалот претежно живее во Африка, во супсахарскиот дел на континентот со исклучок на тропските шуми. Бројот на сервалите, за жал, почна да се намалува, а како главна причина се наведува човекот. Модерните ДНК-анализи покажуваат дека сервалот има сродна врска со каракалот.

Птиците од видот црвен Скарлет Ибис потекнуваат од егзотичните делови на Јужна Америка и Карибите и се национално обележје на Тринидад и Тобаго. Нивната специфична боја ги прави препознатливи, а во светот имаат статус на заштитен и загрозен вид.

– Овие видови животни се доста атрактивни за посетителите и мислам дека ќе биде интересно во Скопје да се видат сервали и птици Скарлет Ибис, кои се заштитени видови. Секако, нивните живеалишта ќе бидат направени по стандарди и веќе ги подготвуваме за новите жители – изјави директорот на скопската зоолошка, Ѓорѓи Галетановски.