Секое дете мора да седи во автобусот

261
Никој не смее да вози неисправен автобус со ученици Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според закон, не е дозволено автобус да превезува ученици доколку не ги исполнува наведените услови во поглед на техничката исправност, потребниот број на седишта и доколку не е климатизиран, без оглед дали станува збор за еднодневни или дводневни екскурзии

Ученици во едно скопско основно училиште наместо да седат, половината стоеле во автобусот што ги превезувал до Ботаничката градина во Скопје. Родителите што биле сведоци на ова, биле исплашени за безбедноста на своите деца. Сепак, велат дека тоа се само деца и само едно туркање помеѓу нив во полниот автобус или, не дај боже, нагло кочење на возачот може да завршат со несакани последици. Некои од родителите коментираат како е можно по она што се случи во автобуската несреќа кај Ласкарци и натаму да не се покажува доволна грижа кога станува збор за автобускиот превоз и особено кога е во прашање превозот на деца. Овие родители се особено вознемирени, бидејќи, велат, во прашање е безбедноста на нивните деца. Тие се сигурни дека има правила како треба да биде организиран ученичкиот превоз и нивното прашање е само дали организаторите, училиштата и нивните директори ги почитуваат, се придржуваат ли до нив.

Како се организира ученичкиот превоз децидно стои во правилникот, кој е донесен од Министерството за образование и наука и во него точно се наведени условите.

– Правилникот е еден за сите основни училишта и во него јасно стои дека треба да има седишта за сите ученици, независно дали станува збор за еднодневни или дводневни екскурзии. Тој е донесен од МОН и во него се наведени и други критериуми што треба да се исполнат. Директорот на училиштето е тој што треба да го одобри патувањето, откако ќе добие документ за техничката исправност на возилото со кое ќе се превезуваат учениците, потоа да провери дали за секое дете има седиште бидејќи има однапред изготвени списоци колку деца ќе заминат на екскурзија. Исто така, возачот 12 часа претходно не треба да возел, потоа треба да провери дали е обезбеден доктор за таа екскурзија и друго. Ако агенцијата не обезбедила соодветен превоз и директорот утврди дека нема седиште за секое дете, непосредно пред тргнувањето има право да не дозволи да се тргне или, пак, да побара да се исполнат сите услови – вели Даница Блажеска, директорка на основното училиште „11 Октомври“ во Скопје.

Но наспроти нејзиното тврдење, директорот на училиштето, кое организирало посета до Ботаничката градина во Скопје, вели дека за една ваква посета или посети на музеи и слично не се потребни високотуристички автобуси. Објаснува дека од центарот на градот до Карпош децата секојдневно се возат со истите градски автобуси со кои биле и до Ботаничката градина и тоа, вели, за него не е спорно ниту според правилникот. Ваквиот превоз, смета тој, е дури и по пристапна цена од 70 до 100 денари по ученик.

Но во правилникот за начинот за изведување на ученичките екскурзии и другите слободни активности на учениците од основните училишта јасно стои: „Непосредно пред реализација на патувањето, директорот проверува дали се обезбедени доволен број на автобуси со седишта за добро и безбедно сместување на сите ученици.

Патувањето не треба да се изведува во периодот од 22 до 6 часот наутро“. Во членот 24, пак, пишува: „Еден ден пред реализација на патувањето, директорот од превозникот, кој го изведува превозот, треба да добие доказ за вонредна техничка исправност на возилото за јавен превоз во согласност со постојните важечки закони во Македонија и записник за извршен вонреден технички преглед на автобусот не постар од шест месеци.

Возачот на автобусот е потребно е да има лекарско уверение не постаро од шест месеци и потврда од одговорното лице на превозникот дека не возел 12 часа пред поаѓањето“. Членот 2 пак е дециден дека директорот не го одобрува патувањето доколку автобусот не ги исполнува наведените услови во поглед на техничката исправност, потребниот број на седиштата и доколку автобусот не е климатизиран.

Директорот на училиштето, најдоцна 48 часа пред почнување на патувањето, го известува органот надлежен за внатрешни работи за: превозникот, местото и времето на поаѓањето на учениците, бројот на ангажираните автобуси и бројот на пријавените ученици, наставници и други лица. Директорот на училиштето на вработените што патуваат им издава патен налог за службено патување. Доколку не се исполнети наведените услови, директорот на училиштето ќе ја запре реализацијата на екскурзијата и другите слободни активности.

Сѐ стои многу јасно што од своја страна значи дека никој, ама баш никој, не може да отстапува од наведените правила. Тој дури и обврзува најдоцна седум дена пред изведувањето на екскурзиите или други слободни активности, одделенскиот раководител да организира состанок со учениците и нивните родители, на кој ги информира и дава детални објаснувања за програмата што ќе се реализира. Ако овој правилник е дециден и МОН ги предвидел сите овие правила во интерес на безбедноста на учениците, тогаш зошто некој своеволно да одлучува и да става стотина деца во градски автобус и да дозволи да бидат прекрши предвидените безбедносни правила. А што ако се случи несреќа? Кој ќе одговара за настанатите последици?


Што вели законот за превезување деца во возила

Од Министерството за внатрешни работи нагласуваат дека постои закон според кој се знае до која возраст децата можат да седат во посебно седиште во автомобилот и до колку години не смеат да седат на предното седиште. Сето тоа, секако, е поради безбедноста на децата.
– Според Законот за безбедност на патниот сообраќај, по членот 169 став 2, во автобус со кој се врши јавен превоз или превоз за сопствени потреби во градски и приградски сообраќај можат да се превезуваат само онолку лица колку што има вградено седишта и места за стоење доколку има запишано во сообраќајната дозвола, а се однесува на став 4 од истиот член – велат од МВР.
Оттаму посочуваат дека, исто така според Законот за безбедност на патниот сообраќај, по членот 164 став 2, во патнички автомобил на задно седиште смее да се превезува дете помало од пет години, во посебно поставено детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или друг соодветен начин. Исто така, по членот 164 став 1, во патнички автомобил на предното седиште не смее да се превезува дете помало од дванаесет години.

[email protected]