Санкционирани 331 непрописно паркирани возила во Центар

108

Јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ и општината Центар, во соработка со сообраќајната полиција, во текот на изминатата седмица санкционираа 331 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

– Во периодот од 11 до 17 ноември, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ, отстранети се 182 непрописно паркирани возила, а со поставување механичко средство „блокатор“се санкционирани 149 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во кој биле паркирани. ЈП ПОЦ и општината Центар континуирано се трудат да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на нашата територија – информираат од општината Центар.

Надлежните потсетуваат дека е потребно почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот за да се одржуваат редот и безбедноста на улиците.