Санирани повеќе улици во Долно и Горно Лисиче

95

Скопската општина Аеродром започна со санација на ударни дупки на улиците во населбите Горно и Долно Лисиче. Од локалната самоуправа информираа дека по консултација со локалните жители и земање предвид на лошата и алармантна состојба на патот во Долно Лисиче, започнати се санација и поправање на патот со пополнување на критичните ударни дупки. Станува збор за привремено решение, кое има за цел да обезбеди подобар тек на сообраќајот во овој дел на градот.

Дополнително, ќе се работи и на патот што минува низ Долно Лисиче, па поради градежните активности, кои би требало да се завршат во најбрз рок, ќе има привремен прекин на автобуската линија со бројот 31, информираат од општината Аеродром.
Во рамките на сите активности за подобрување на патната инфраструктура во оваа општина се подготвува и целосна и темелна реконструкција на регионалниот пат од Јурумлери до Драчево, која ќе се спроведе од страна на јавното претпријатие „Државни патишта“, во соработка со општината Аеродром.
– Средствата за поправките и реконструкцијата на оваа делница се обезбедени, па останува само тендерската постапка, која би требало да се комплетира до средината на август – се наведува во соопштението на општината.