Само за два месеца од кучињата скитници искасани 61 лице

298

Не завршуваат реакциите на граѓаните на темата кучиња скитници. И со право, бидејќи проблемот не завршува ниту со испишаните статуси на социјалните мрежи и фотографии од каснувањата од некое куче, ниту пак со големиот број новинарски белешки на случки со каснувања. Проблемот е навистина присутен и бара поинакво решавање од обичното заловување на кучињата од улица и нивно враќање на местото од каде што биле заловени. Кучињата се тука, секаде околу нас, и најстрашно и на нашиот централен градски плоштад, каде што исто така имаше случај кога куче нападна минувач. Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, од јануари до април се регистрирани 146 напади предизвикани од кучиња. Од МВР велат дека за мај и јуни за 2018 година на подрачјето на градот Скопје се пријавени 61 случај на каснати лица од кучиња скитници. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое е одговорно за стационарот „Вардариште“, информираат дека во рамките на мај за 2018 година имаат примено вкупно 18 поплаки. Доколку некој граѓанин наиде на агресивни кучиња, може да ги пријави на дежурниот телефон 02/3216 644 во јавното претпријатие.

Изминативе месеци имаше голем број напади од кучиња скитници, а за напад и претрпен страв проговорија и некои јавни личности. Потоа, навидум, како да стивнаа нападите, а по скорашните случувања повторно се појавија на виделина. Пред некој ден беше искасан маж од куче скитник на плоштадот „Македонија“. Кучињата се насобраа и по ѓубрето на Клиничкиот центар, па и таму посетителите се плашат да поминат во вечерните часови.

– Денеска бев нападнат од скитник. Господине Шилегов, до кога вака со тие кучиња скитници. Ве молам, кој ќе ми даде објаснување. Одев по мој правец. Пред влезот на плоштад во 7.35 часот ме нападна одзади. Имате камери ако сакате да се уверите, господине. Среќа што избегав, ќе ме скинеа. Чекам одговор од некој што е надлежен за вакви работи. Им пишав и на „Анима мунди“ – не ми вратија – напиша Џемаил Буњаку на својот фејсбук-профил.
По неговото пишување се редеа статуси кој каде видел глутница кучиња, како некој се спасил за влакно и слично.

– Поплаките што ги добиваме претежно се однесуваат на кучиња што пројавуваат агресивно однесување. Граѓаните се јавуваат за нашите екипи да ги заловат овие животни. По добиениот повик екипите на служба за хуман третман и контрола заминуваат на терен и се обидуваат да го пронајдат и да го заловат посоченото животно. Подоцна се транспортира во стационарот „Вардариште“, се утврдува неговата здравствена состојба и евентуалното пројавување на агресивност – велат од „Комунална хигиена“.

Она што може со сигурност да се каже е дека има големо присуството на групи кучиња скитници насекаде по целата територија на Скопје. Глетката од голема група кучиња скитници што лаат и напаѓаат не им дава сигурност ни на граѓаните ни на туристите. На неколку места во градот постојано се забележуваат групи од кучиња, и тоа во Ново Лисиче, на булеварот Јане Сандански, односно во Аеродром кај „Рамстор“ и „Капитол мол“, потоа во централното градско подрачје најчесто на плоштадот и кај хотелот „Бристол“. Не толку често, но сепак ги има во глутница и кај „Сити мол“.
– Срамота е, но и страшно да гледаш група од петнаесетина кучиња во центарот на градот. Се движат слободно, лаат и трчаат по автомобилите, а некогаш знаат да ти го гризат браникот. Страв ти е да излезеш да се справиш со нив, затоа што се големи. Видов како им лаат на туристи, срамота е да имаме таква глетка – вели Иван Марковски.

Од градот Скопје велат дека оствариле средба со претставниците на „Анима мунди“ и заедно го посетиле стационарот „Вардариште“.
– Претставниците од „Анима мунди“ и градоначалникот Шилегов ја остварија таа средба за вработените од стационарот и претставниците на граѓанскиот сектор да дојдат до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни. Најголемата добивка од програмските активности во суштина е продлабочувањето на соработката со невладините организации и фондации, со единствена цел да се подобрат условите за животните, но и да го заштитиме здравјето на граѓаните – велат од градот Скопје.

Изјавата од градот Скопје звучи добро, но проблемот со кучињата скитници и теророт што го преживуваат граѓаните опстојува. Очигледно досегашните мерки, како „Залови, стерилизирај, пушти“, не се доволни за да се воведе контрола над кучињата скитници. Веројатно со чипирањето на милениците ќе може да се постигне многу повеќе и ќе се знае кој го оставил своето милениче на улица.


Каснатите од куче имаат право на отштета

Доколку граѓанин е каснат од улично куче, може да го тужи градот Скопје и да добие отштета од 60.000 до 180.000 денари. За претрпена физичка болка до 35.000 денари, а за претрпен страв до 30.000 денари или, пак, за душевна болка до 20.000 денари. Затоа ги охрабруваме граѓаните да ги пријавуваат нападите од кучиња скитници и да си бараат отштета од градот Скопје. Доколку почнат сите граѓани што се каснати од куче да бараат отштета од 180.000 денари, можеби тогаш надлежните ќе пристапат кон посистемски начин на решавање на овој проблем.