РСБСП апелира мотоциклистите да ги почитуваат правилата

99
Годишно околу 15 мотоциклисти го губат животот во несреќи Фото: Игор Бансколиев

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до моторџиите да внимаваат и да ги почитуваат сообраќајните правила. Велат дека мотоциклистите се најзагрозена и најнебезбедна група учесници во сообраќајот. Статистиките покажале дека повеќе од 10 отсто од жртвите во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, а истовремено тие опфаќаат само околу 0,5 отсто од вкупниот сообраќај.

– Мотоциклистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот, директно изложени на опасностите што постојано демнат, категорија кај која ризикот за добивање смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок. Во просек, годишно во Република Македонија околу 15 мотоциклисти го губат животот во сообраќајни незгоди – информираат од РСБСП.

РСБСП ги потсетува мотоциклистите на законските прописи, за задолжително користење заштитен шлем, за возачот, но и за сопатникот, за што во спротивно казната е 50 евра во денарска противвредност. Задолжително е и користење на другата заштитна опрема, како: заштитна јакна, облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, очила, кожени панталони, ракавици итн.). Од РСБСП потсетуваат да се внимава на брзината, да се користат трепкачите, да се одржува растојание, да се користат двете сопирачки. Исто така порачуваат да се носи рефлектирачки елек и да се избегнуваат т.н. мртви агли. Тие посочуваат движењето во група да биде еден зад друг и постојано да се внимава на безбедноста на пешаците. Не смее да се вози под дејство на алкохол ниту, пак, е дозволено да се превезува алкохолизирано лице. На мотоцикл не смеат да се превезуваат ниту деца под 12 години, ниту, пак, предмети пошироки од еден метар. Рацете мора да се постојано на управувачот, а мотициклистите не смеат да се придржуваат за друго возило, ниту пак да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

РСБСП потсетува дека особено е важно одржувањето на мотоциклот. На почетокот на пролетната сезона секој мотоциклист треба да ги направи основните проверки на мотоциклот: да ги замени маслото и филтерот и да ја провери течноста за ладење на моторот, потоа да го исчисти или замени филтерот за воздух, а мора да ги провери и сопирачките и глицеринот. Мотоциклистот задолжително треба да ги провери притисокот на воздухот во гумите и дебелината на шарата на гумите и не смее да заборави да го провери и наполни акумулаторот, да ги прегледа конзолите, светлата и да го подмачка синџирот.