Протестите на Бит-пазар пет дена ги револтираат граѓаните

1381
Фото: Дарко Андоновски

Петти ден по ред дваесетина продавачи, кои протестираат за да се вратат и да продаваат на диво по тротоарите на Бит-пазар, го блокираат сообраќајот во половина град. По секој работен ден скопјани, било со автомобил или со градски автобус, мора да кружат за да стигнат до дома, само затоа што не можат да поминат по блокираниот булевар Крсте Мисирков. Она што е почудно е што полицијата тоа го дозволуваа петти ден, само затоа што треба да го испочитува нивното демократско право.

Но едно е јасно, на овие луѓе никој не им ја одзема егзистенцијата, напротив, им беше понудено да влезат во рамките на пазарот да ги продаваат своите производи и три месеци бесплатно да ги користат тезгињата. Но, повеќе од јасно е дека тие не сакаат да плаќаат ниту по три месеци и не отстапуваат од идејата да им бидат нелојална конкуренција на оние што уредно си плаќаат за извршување на дејноста. На нивната идеја, од која не сакаат да отстапат, станаа заложници граѓаните, кои секој ден губат најмалку по еден час од своето драгоцено слободно време, затоа што за еден час подоцна стигнуваат дома. Кој им дава право на дваесетина диви продавачи да ги револтираат секојдневно граѓаните? Особено во неповолна положба се оние што мора да одат пеш за да дојдат до постојка на која мора да се прекачат на друга автобуска линија. Токму затоа граѓаните се едногласни – доста е протестирање за продавање на диво, булеварот мора да има зеленило, а не картонски тезгиња.