Проект „Мој Карпош – моја картичка“

327
Картичка за поевтино кафе и производи кај локалните бизниси

Општината Карпош oд септември 2018 година ќе почне со реализација на проектот „Мој Карпош – моја картичка“. Тоа значи дека наскоро карпошани ќе можат да купуваат поевтини производи, да пијат поевтино кафе и ќе имаат бенефиции и други услуги што ќе ги нудат локалните правни и други видови субјекти што ќе се вклучат во проектот. Досега 230 бизниси имаат изразено интерес да бидат дел од овој проект. Целта на проектот е граѓаните на Карпош да добиваат повеќе попусти и бенефиции во локалните угостителски објекти, а истовремено да се зголеми интересот за производите и услугите на малите и на средните бизниси.

– Главната цел е да се раздвижи економијата на локално ниво, граѓаните да купуваат и да користат услуги по пониски цени, фирмите да имаат поголема посетеност, а со тоа и поголема добивка – велат од општината Карпош.
Оваа картичка ќе биде активна од втората половина на септември и ќе можат да ја добијат сите граѓани на Карпош над 13 години. Во рамките на овој проект ќе биде изработена веб-страница во која ќе биде објавен регистарот на фирмите чии услуги можат да се користат и мобилна апликација што ќе овозможи електронско користење на картичката. Покрај бенефициите што ќе ги имаат граѓаните и локалните бизниси, со оваа картичка за попусти се воспоставува и механизам на соработка меѓу локалната власт и бизнис-секторот.