Проект за откривање ’рбетни деформитети кај првачињата

168

„Исправи се“ е насловен проектот што општината Центар ќе го реализира за да ги открие деформитетите на ’рбетниот столб кај првоодделенците. Идејата за еден ваков проект произлегува од податоците за искривувањето на ’рбетниот столб кај децата, како сколиоза, лордоза, кифоза, неправилно држење на телото и деформитетите на долните екстремитети и на стапалата, кои се потенцијална опасност за младата популација од основните училишта.

– Во насока на превенција и рано откривање на овие деформитети, направени се дијагностички превентивни прегледи на ’рбетниот столб и на долните екстремитети на 536 ученици од прво одделение од седумте основни училишта на општината Центар. Прегледите од стручни лекарски тимови ќе помогнат во навремено дијагностицирање на какви било деформитети на ’рбетниот столб, како и препораки за понатамошно дејствување – велат од општината Центар.
За превентивно да се дејствува секој родител ќе добие извештај за наодите за своето дете за да се влијае за коригирање и за отстранување на евентуалните деформитети.