Привремени простории за децата од центарот за церебрална парализа

226
Новото училиште во Капиштец ќе има простор за децата од Дневниот центар

Градоначалникот на општината Центар, Саша Богдановиќ, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претседателката на здружението на деца заболени од церебрална парализа, Марина Билбиловска, потпишаа меморандум за соработка. Тоа значи дека и официјално ќе се пристапи кон решавање на проблемот со привремено преселување и сместување на децата со церебрална парализа до изградбата на новото основно општинско училиште во Капиштец.
Децата што досега беа во Дневниот центар за лица со церебрална парализа, кој се наоѓаше во привремени простории на местото каде што веќе се гради училиштето, ќе бидат преместени во адаптирани простории до општинското основно училиште „11 Октомври“. Дислокацијата на дневниот центар е под директна надлежност на Министерството на труд и социјална политика, но општината Центар активно се вклучи во интерес на децата за потребите на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, со што ќе им се обезбеди инклузивност во општеството.
Општината ја презеде обврската за урбанизирање на дворниот простор на училиштето во однос на специфичните потреби на корисниците на услугите од Дневниот центар. Овие деца ќе добијат соодветна пешачка патека од улицата до влезот во Дневниот центар, потоа пристап за комбе и најмалку две возила на корисниците на услугите. Во дел од дворот на училиштето за децата ќе бидат инсталирани спортски реквизити. Во план е и дворна површина за корисниците на центарот, кои ќе треба сами да водат грижа за садењето, уредувањето и одгледувањето на садниците, за да се усовршат и во совладувањето на таквиот тип вештини.
Општината Центар со одлука реши просторот во новото училиште да му се даде на трајно користење на МТСП за потребите на Дневниот центар за лица со церебрална парализа.