Прегладнети и неопасни змии во потрага по храна „прошетаа“ во Центар и во Карпош

6199
Познавачите на змии им порачуваат на излетниците што празнициве ќе се упатат кон планините да носат високи чевли, долги ногавици и внимателно да се движат по тревите

Снежана Калабакова

По змијата што се појави на асфалт во централното градско подрачје, се појави уште една во Карпош, а за настанот граѓаните своите информации, фотографии и стравови ги споделија на социјалните мрежи. Кон овие случаи во урбано Скопје некако се надоврза и случајот со каснување од змија на средовечна жена во Неготино, која заврши на Инфективната клиника во Скопје. Појавата на змии во градов ги преплаши граѓаните, но експертите велат нема место за паника, бидејќи не станува збор за никаква наезда од змии. Велат дека е вообичаено во пролетниот период да има поголема појава на змии.

Овие животни сега се пораздвижени, бидејќи во зимскиот период хибернираат, неактивни се, поточно се во зимски сон. Сега ловат за да се нахранат и најчесто се кријат, особено во високите тревни површини, па токму затоа тревата треба да биде искосена за полесно да се видат. Скопјани сѐ уште го паметот минатогодишниот случај со змијата што беше влезена во кошницата за отпад во канцеларијата на една фирма во Капиштец. И за неа велеа дека веројатно слегла од планината Водно во потрага по храна, а завршила во канцелариската кошница. Оние што добро ги познаваат змиите велат дека во овој период може да се појават секаде, дури дека имале искуство да вадат змија од нечиј дом. Но објаснуваат дека за да се случи тоа змиите треба да си најдат соодветна средина, поточно скривалиште и храна. Токму затоа советуваат да се елиминираат нивните извори на храна и секако да се отстранат можностите за змиите да се скријат, па затоа во урбаните делови, тревите во дворовите и јавните површини треба да се искосени.

Така треба да е во урбаните средини, но не е така на планините, каде што можеби многумина ќе се упатат за првомајските празници. Познавачите на змиите знаат да кажат „во природа ако не ја гледате змијата, не значи дека ја нема таму.“ Ние, велат, одиме на гости кај неа, бидејќи природата одамна не е постојан дом на човекот. Токму затоа им порачуваат на излетниците да носат високи чевли, долги ногавици и внимателно да се движат по тревите. Доколку, пак, сретнат змија, само да ја заобиколат. Но во случаите што воопшто не ги посакуваат, кога може некој и да е каснат, задолжително да побараат медицинска помош. Змиите, велат експертите, што деновиве се појавија во Скопје не се опасни, но тие се веројатно прегладнети, затоа што снегот во март ги врати назад во нивните живеалишта. Тоа значи дека змиите што „прошетаа“ во Центар и Карпош биле само прегладнети и во потрага по храна.
– Вообичаено е да има поголема појава на змии во овој период.

Во средината на март, кога ноќните температури пораснаа на 8 Целзиусови степени, овие животни ја прекинаа хибернацијата, зимскиот сон, и тргнаа по храна. Но потоа температурите повторно беа во опаѓање, 21 и 22 март повторно следуваа врнежи од снег и тие ја прекинаа својата активност. Змиите хибернираат обично од средината на октомври до средината на март. Сега повторно се зголемени надворешните температури и заради интензивно хранење тие се активни и зголемена е нивната појава. Но не станува збор за наезда. Во Македонија од 16 вида змии, само пет се отровни. Поскокот е единствената отровница од чиј отров каснатиот може да претрпи смртни последици. Змиите што се појавија во градов не се отровни. Обично станува збор за смокови, кои најчесто живеат покрај реката Вардар, како и запуштените тревни површини – вели Богољуб Стеријовски, експерт за водоземци и влечуги, или херпетолог во Македонското еколошко друштво.

Дека змиите се појавуваат на запуштени јавни површини доказ беше и појавувањето на змијата кај скопскиот саем. Затоа исклучително е важно косењето на тревите за змијата да не може да се скрие, но уште поважно е секако граѓаните да ги елиминираат глувците, кои се најбарана храна на змиите. За оние што живеат во куќи во поруралните делови на градот препорачливо е во овој период да ги затвораат вратите на своите домови за да не им дојдат неканети гости.