По неколку децении започна реконструкцијата на улицата Индира Ганди

84

Во општината Шуто Оризари деновиве екипите на градот Скопје ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата Индира Ганди. Значајната сообраќајница ќе се обнови во должина од 1.100 метри, на потегот од раскрсницата со улицата Босна и Херцеговина и булеварот Словенија до улицата Бутелски венец.

– По повеќе децении ќе се реконструираaт коловозот и дел од тротоарите на улицата Индира Ганди, за да обезбедиме добра инфраструктура за граѓаните, особено во општината во која живеат најголем број социјално загрозени лица. Градежните работи овде ќе траат 30 дена, а за овој зафат градот Скопје ќе потроши околу 16 милиони денари. Екипите на градот Скопје деновиве интензивно работат на обнова и на изградба на поголем број градски улици и булевари. Скопје заслужува многу подобра инфраструктура од онаа што ја затекнав кога дојдов за градоначалник и на тоа перманентно ќе работиме. Скопјани заслужуваат многу повисоки стандарди за живеење – вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, при почетокот на градежните работи на улицата Индира Ганди.

Скопскиот градоначалник упати апел до граѓаните секојдневно да ги следат информациите за воведување привремен режим на сообраќај што ги објавува градот Скопје и да ја почитуваат поставената патна сигнализација. Тој додаде дека ги замолува граѓаните за разбирање, додека траат градежните работи за обнова на улиците.