По десет години, се чистат каналите и езерцата во Градски парк

232

Езерцата и каналите во Градски парк не биле исчистени десет години, велат од градот Скопје. Со таа цел екипите на градот Скопје и на јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ спроведуваат акција за комплетно чистење на каналите и на езерцата во првиот и во вториот дел од Градски парк. Според информациите од градот Скопје, деновиве се чисти каналот што носи вода до езерото во првиот дел од Градски парк. Со оваа акција се отстрануваат насобраните лисја, тињата, наносите од земја и отпадоците, за да може езерцето да се наполни со вода.

Се чисти и каналот што носи вода до целиот езерски систем во паркот. Како дел од овие активности се отстрануваат и исушените и искршени гранки на околните дрвја, кои претставуваат опасност за посетителите на паркот. Од градот Скопје апелираа до граѓаните да не фрлаат отпадоци во каналите и во езерцата и да ја одржуваат хигиената на зелените површини во паркот.