По Бутелска уште се вози тргни-застани

191
Во собраќајниот метеж постојано има заглавени автомобили Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цело лето има сообраќаен метеж на улицата Бутелска и продолжува и понатаму. Никако да завршат градежните работи на пробивањето на булеварот Кристијан Тодоровски-Карпош, со што би се отворила и улицата Цетинска, за барем малку да се ублажат секојдневните сообраќајни проблеми на бутелчани. Нивната мака сега стана уште поголема, бидејќи сите се вратија од годишните летни одмори, а започна и учебната година, па се зголеми и фреквенцијата од ученици и студенти што имаат обврски во септемвриската сесија. Граѓаните велат дека секојдневно се создаваат огромни колони од автомобили и од Радишани и кон населбата се вози тргни-застани.

Нервозни возачи, уште понервозни пешаци, кои од сообраќајниот синџир од возила не можат да поминат од едната на другата страна на булеварот Босна и Херцеговина и на улицата Бутелска. На семафорот каде што се пресекуваат овие две сообраќајници со улицата Ќемал Сејфула постојано има блокирани автомобили, чии возачи заглавиле во обидите да добијат предност на минување. Каде и да тргнат, бутелчани секој ден мака мачат да стигнат до одредиштето. Тие велат дека никогаш не можат да си го испланираат времето на пристигнување, бидејќи не знаат колку ќе заглават во колоните. Се жалат дека овие секојдневни нервози никако не завршуваат и додаваат дека сето ова се случува затоа што бавно се изведуваат зафатите на пробивањето на улицата Кристијан Тодоровски-Карпош, кое требаше да заврши уште во април.

Од градот за текст во „Нова Македонија“ објавен на 11 август кажаа дека реализацијата на проектот е во завршна фаза и се очекува негово комплетирање во наредниот период, без назнака за тоа кога точно ќе бидат целосно завршени градежните работи. Тие потврдија дека најголемиот дел од работите е завршен и дека во моментов се работи на финиширање на одредени позиции и поврзување, како и вршење приеми и добивање дозволи и одобренија од соодветните надлежни институции. Но градежните работи сѐ уште траат и на прашање до градските власти кога ќе финишираат, велат за петнаесетина дена.

– Според динамиката на изведбените работи, се очекува за петнаесетина дена да биде завршена првата фаза на булеварот Кристијан Тодоровски-Карпош, по што би се регулирал и сообраќајот на улиците што се поврзуваат на оваа делница -објаснија од канцеларијата за информирање.

Некои жители на Бутел, пак, сметаат дека, дури и да се отвори Цетинска за сообраќај, повторно имаат само два сообраќајни вентили за влез и излез, а општината има многу населени места. Неофицијално дознаваме од тамошни граѓани дека завчера во општината бил и премиерот Зоран Заев, па откако и тој заглавил во метежот на Бутелска, најавил дека за ден-два ќе се отвори улицата Цетинска, со што ќе се ублажат сообраќајните маки на граѓаните.

– Секој ден доживуваме кошмари кога одиме кон центар или се враќаме кон дома. Автобусот со бројот „57“ почнува да лази од кривината кај социјалните згради и од едната станица кај киното „Бутел“ до следната, кај старите општински бараки, понекогаш се возиме по речиси половина час. Немаме нерви ниту ние патниците, а којзнае како им е на возачите. На семафорот пред да заврти кон подвозникот кај поранешната фабрика „Наше дете“, не може да се излезе од заглавени автомобили. Не ми е јасно зошто се влечат градежните зафати цело лето, наместо во вакви услови да работеа и ноќе ако треба за да не дојде до ова. Не требаше да го чекаат почетокот на учебната година, а работите на Цетинска уште да не бидат завршени – вели Мирјана З. од населбата Радишани.

Од општината Бутел не знаат до кога ќе траат градежните работи на проширувањето на Кристијан Тодоровски-Карпош, но сообраќајниот метеж е секојдневие.