Потпишан договор за набавка на нови екоавтобуси

184

Скопскиот градоначалник потпиша договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за заем во вредност од 10 милиони евра за набавката на нови екоавтобуси на гас во Скопје. За купување на новите возила ќе бидат обезбедени дополнителни 1,8 милион евра од јавното сообраќајно претпријатие и грант од 1,1 милион евра за техничка соработка при подготовката на проектот. Со потпишувањето на овој договор, и официјално почнува постапката за набавка на овие автобуси со кои значително ќе се подобри функционирањето на јавниот транспорт, но ќе се намали и загадувањето на воздухот.

– Очекувам дека од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат нови екоавтобуси на еколошко гориво, со ЦНГ-технологија на компримиран гас со еуро 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел-автобуси на ЈСП со еуро 2 стандард, без клима и дополнителна опрема. Голем дел автобуси ќе бидат нископодни зглобни-дводелни, а преостанатите ќе бидат нископодни единечни. Зглобните автобуси имаат предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и многу побрзо патниците да влегуваат и излегуваат од возилата, со што ќе се намали времето потребно да се стигне до конкретна дестинација во градот – вели Шилегов.

Шилегов додаде дека одлуката за набавување ваков вид автобуси е донесена по спроведените тест-возења на трите еколошки модели на автобуси во текот на минатата година. Резултатите покажаа дека ваквиот тип автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.