Поместениот старт на „Ролер трка 2019“ направи хаос во сообраќајот

840
Фото: Дарко Андоновски

Поместениот старт на најавената „Ролер трка 2019“, наместо во 11 часот за еден час подоцна, предизвика сообраќаен метеж на сите околни сообраќајници близу булеварот Илинден, кој, пак, остана затворен за сообраќај уште од 11 часот. Поради веќе закажаниот настан сообраќајот беше пренасочен и тоа беше причината што се создаваа колони од возила. Така беше на булеварот Октомвриска револуција, колона имаше од бензиската пумпа на „Макпетрол“ кај Воена болница, па сѐ до мостот на Вардар кај хотелот „Александар палас“. Вчерашниот метеж во работен ден ги направи граѓаните нервозни. Нервозни беа и полицајците кои беа ангажирани по крстосниците на затворениот булевар Илинден уште од 11 часот.

Недоразбирањата настанаа поради тоа што ролеријадата која ја организираше „ДКЦ Карпош“, на веб-страницата на општината вчера стоеше дека настанот е закажан за 12 часот, но во вторникот настанот во медиумите беше најавен дека ќе се одржи во периодот од 11 до 13 часот. Инаку, стартот на годинешнава ролеријада беше од пред фонтаната на Градскиот парк и учесниците требаше да се движат до клучката на булеварот Илинден со улицата Никола Тесла, поточно кај ЈП „Паркови и зеленило“ и назад до целта.

Вчерашното чекање ги направи граѓаните нервозни, кои имаа замерки на организацијата. Но оваа манифестација не се одржува за првпат, напротив годинава се одржува по осми пат. Под мотото „Возиме кон иднината“ учествуваа ученици од над 30 основни училишта од градот и околината, а за најуспешните имаше три награди во машка и во женска категорија. Целта на оваа рекреативна масовна акција е развивање на спортскиот дух, како и создавање навики за спортување. На манифестацијата „Возиме кон иднината“ минатата година учествуваа околу 700 ученици. 

Фото: Дарко Андоновски