Противпожарните возила често имаат дефекти Фото: Маја Јаневска-Илиева

Просечната старост на противпожарните возила е 29 години, а најстарото како што го нарекуваат возило за хемиско гасење е старо цели 49 години, или безмалку половина век. Станува збор за специјално возило со кое се гаснат пожари во трафостаници или други електрични инсталации со јачина од над 1,000 вати. Скопската противпожарна служба има на располагање вкупно 51 противпожарно возило, од кои 49 се функционални, а пет од нив се за расходување. Но, освен возила, поради заминување во пензија им недостига и кадар

Скопската противпожарна бригада располага со мошне стар возен парк или, како што велат оттаму, со возила од поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Просечната старост на противпожарни возила е 29 години, а најстарото како што го нарекуваат возило за хемиско гасење е старо цели 49 години, или безмалку половина век. Станува збор за специјално возило со кое се гаснат пожари во трафостаници или други електрични инсталации со јачина од над 1.000 вати. Скопската противпожарна служба има на располагање вкупно 51 противпожарно возило, од кои 49 се функционални, а пет од нив се за расходување, бидејќи возилата се веќе дотраени и за нив нема резервни делови. Од противпожарната бригада велат дека единственото возило што некогаш било купено од некој градоначалник е она што го купил Трифун Костовски во 2005 година, кое постојано е на терен. Во времето на големите шумски пожари во 2007 и 2008 година, Дирекцијата за заштита и спасување им доделила четири противпожарни возила, и тоа е сѐ што досега имаат како дополнување на возниот парк. Токму поради тоа велат дека оние возила што се функционални и сега се истрошени и честопати по интервенции на пожари се враќаат со сериозни дефекти, кои тековно се решаваат од ден на ден. Со вака дотраен возен парк, скопската противпожарна бригада се справува успешно при секој настанат пожар. Велат дека така било и изминатиов викенд, кога имале 51 пожар за гасење, а 49 возила морале до 9 часот да се подготват за терен. Додаваат дека сите пожари биле локализирани и не дозволиле да се прошират. По сите тие интервенции, повторно се јавиле одредени дефекти на возилата, па морало да се отстранат, за потоа понеделнички тие да бидат подготвени за евентуални следни интервенции. Возниот парк на скопската противпожарна бригада го одржува правно лице избрано на тендер, велат од бригадата, и со години успева да се справи со сите дефекти на нивниот стар возен парк. Додаваат дека некогаш имале проблем и со гасењето на пожарите на висина, но по донацијата на триесетметарската скала од збратимениот германски град Нирнберг во 2005 година интервенциите биле олеснети.

Она што засега ги радува пожарникарите е дека по завршувањето на изборите ќе се распише тендер за купување три нови противпожарни возила. Освен со стари возила, бригадата се соочува и со стар кадар, кој веќе заминува во пензија.

– Речиси секојдневно се соочуваме со проблеми, бидејќи навистина возилата се многу стари. Ако денеска смениме едно, утре ќе пукне нешто на друго место. Ако на пример на возилата сме смениле црева, односно хидраулика и тие биле на интервенција на шумски пожар, потоа ќе излезе дека пукнал ладилник. Но не ни се проблем само противпожарните возила, бидејќи ни недостигаат и луѓе. Ние не можеме да го запреме процесот на пензионирање на кадрите што веќе го завршуваат својот работен стаж. Навистина многу ни недостига кадар, поточно ни фалат речиси 200 пожарникари. Според бројот на систематизација или според законот, на секои 1.500 жители во градов би требало да има по еден пожарникар – вели Владимир Симоновски, командант на Противпожарната бригада – Скопје.

Во моментов бригадата има 186 професионално обучени и лиценцирани пожарникари, а примени се 19 нови, кои допрва треба да се обучат и лиценцираат.

– Навистина мора да се набават нови возила и тука сме на иста линија со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Како можело да не се купи ниту едно возило по толку години навистина е големо прашање, бидејќи од 2008 година наваму да се купувало само по едно противпожарно возило, досега возниот парк ќе се подновел барем за повеќе од десетина. И добро е што сепак работите ќе тргнат, па по изборите ќе започне постапката за купување барем на три нови противпожарни возила – објаснува Симоновски.

Во зависност од карактеристиките, опременоста или перформансите на противпожарното возило и во зависност од тоа дали е за урбана средина или можеби за гаснење пожари во хемиската индустрија, може да чини од 125 илјади до 400 илјади евра.

Пожарникарите не можат да кријат дека навистина им е потребна нова опрема, кадар, но и свест кај граѓаните, кои секогаш треба да им овозможат предимство на минување и пристапност. И не само тоа туку и што помалку интервенции, бидејќи токму граѓаните се тие што со несовесно палење на контејнерите предизвикуваат потенцијална опасност за големи пожари, особено кога се палат контејнери на паркинзите преполни со автомобили.