Поефикасна администрација – примарно во развојната програма на градот

119

Предлог-буџетот на градот Скопје за 2019 година со предлог-одлука за негово извршување беше на дневен ред на седницата на градскиот совет. Градските советници вчера го разгледуваа и предлог-планот на програми за развој на градот Скопје за периодот 2019-2021 година, како и други предлог-програми. Основниот буџет за оваа програма што се предлага за 2019 година е 226.350.000 денари, а за 2020 година 40.000.000 денари, додека за 2021 година само 20.000.000 денари. Примарни цел на оваа развојна потпрограма е обезбедување подобри услови за работење на градската администрација, зголемена ефикасност и ефективност во работењето, како и поголема транспарентност кон граѓаните и бизнис-заедницата.

Сето ова е планирано да се постигне преку набавка на компјутерски софтвер, информатичка и видеоопрема, како компјутери, сервери, ГПС-уреди и слично, за потребите на градската администрација, опрема за видеонадзор и комуникациска опрема. Планот вклучува интегрирано управување со просторна инфраструктура, дигитална архива, лиценци, е-совет, систем за управување и контрола на возниот парк, апликација за инспектори. Во потпрограма на планот, помеѓу другите потпрограми, се предвидува да продолжи и реализација на проектот за лунапаркот и почнување со проект за ревитализација на езерото Треска, во соработка со надлежната општина.

За оваа потпрограма за 2019 година е предложен основен буџет од 83.000.000. денари, за 2020 и 2021 по 62.000.000 денари. За наредните три години приоритет се дава на имплементација и одржување на паметен систем за управување со уличното осветлување. Програмата, покрај другото, предвидува и почнување на проектот за зелени и отворени покриви на градските згради како еден одржлив концепт за зачувување на животната средина и логично продолжение за зачувување на енергетските ресурси. Наедно се планира почнување со проект за уредување на Скопското кале и поставување соодветна урбана опрема.