Подигнат споменик во чест на 75-годишнината од Втората светска војна

548

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин, положија свежо цвеќе на новоподигнатиот споменик во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

На 9 мај 1945-та година, во Берлин, претставниците на германските сили ја предадоа потпишаната капитулација на советскиот маршал Жуков и британскиот маршал Тедер. Со тој чин, завршува едно мрачно поглавје од светската историја.

– Денес, треба да бидеме помудри и да учиме од историјата. Да им бидеме благодарни на нашите предци, кои несебично се вклучија во битките и во борбите со окупаторот. Тие храбро и достоинствено ја извојуваа оваа голема победа за сите земји и народи и за враќање на светскиот мир, како една од највисоките цели на човештвото – рече Богдановиќ.

Спомен-обележјето, донација од Амбасадата на Руската Федерација, е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.

– Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи. Како прототип или поточно, извор на идејата за него послужи споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во јануари 1942-ра година до март 1943 се одвиваа тешки крвави битки. Во нив загинаа речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената Армија – изјави Баздникин.

Општина Центар заврши со реконструкција на улицата на која се наоѓа споменикот, „9-ти Мај“. Стариот и дотраен асфалт е заменет со нов, на вкупна површина од 1076 метри квадратни, поставени се нови рабници, шахтите се нивелирани и реконструирани се тротоарите со нови префабрикувани бетонски елементи на површина од 1020 метри квадратни.

Со оддавање почит на загинатите во Втората светска војна и со пораки за продолжување на пријателството меѓу двата народи, македонскиот и рускиот, Богдановиќ и Баздникин ги повторија заложбите за унапредување на соработката и партнерството помеѓу Македонија од една и Руската Федерација од друга страна.