Поголем интерес и повисоки награди за конкурсот на фотографии „Моја скопска приказна“

2331

На проектот насловен „Моја скопска приказна“, кој е во организација на „Стримон филм“ – Скопје, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија и „Еуролинк осигурување“ АД Скопје, досега се пријавени повеќе од 50 учесници што ги исполнуваат условите за аплицирање. Големиот интерес беше и главна мотивација организаторите да го продолжат рокот за аплицирање и да ги зголемат вредностите на предвидените награди. „Моја скопска приказна“ е отворен конкурс за фотографии, инспирирани од фасади на објекти што го дефинираат вистинскиот идентитет на старо Скопје. Организаторката на проектот, Ивана Шекуткоска, ги охрабри сите вљубеници во фотографијата да испраќаат фотографии.

– Конкурсот е отворен за сите, без ограничувања. Потребно е само по сопствена креација да состават приказна од 5 фотографии (не помали од 1 мегабајт и не поголеми од 5 мегабајти) и да ни ја прикажат истата таа. Критериумите за оценување вклучуваат приказ на архитектурата и особеностите, како и оригиналност и креативна композиција. Жири-комисијата составена од архитекти, фотографи и познавачи на културното наследство на градот ќе одредат кои се најдобрите приказни и истите тие ќе бидат парично наградени – вели Шекуткоска.

Наградите за прво, второ и трето место се следните: прво место – 500 евра во денарска противвредност; второ место – 300 евра во денарска противвредност; трето место – 100 евра во денарска противвредност. На прашањето дали може да се испраќаат фотографии со мобилен телефон, Шекуткоска одговори дека доколку апликантите сметаат дека можат да ги исполнат техничките и естетски услови за конкурсот, охрабрени се да аплицираат.

По завршување на конкурсот, најдобрите фотографии ќе бидат претставени на изложба во Музејот на современа уметност во Скопје, на 8 мај 2018 година.

Рокот за аплицирање е продолжен до 20 април 2018 година.


Услови за аплицирање:

  • Да се состави приказна – композиција од 5 фотографии по учесник на темата „Стари автентични скопски фасади“.
  • Фотографиите не треба да бидат помали од 1 мегабајт и да не бидат поголеми од 5 мегабајти.
  • Фотографиите да бидат подготвени за печатење, доколку фотографијата е потребна за изложбата.
  • Да се испратат директно прикачени на е-пошта или преку линк (WeTransfer, Sendspace, Mega, Google drive и сл.) најдоцна до 20.4.2018 година на адресата на е-пошта office@strymonfilm.mk.