Повеќе зелени покриви, почисти бели дробови за Скопје

365
Зелени покриви има на неколку објекти во Скопје - Фото: Дарко Андоновски

Во борбата со асфалтот и бетонот, зеленилото во Скопје како одамна да ја загуби битката. Зелените површини засекогаш исчезнуваат, а плодните обработливи земјишта се проголтани од новоизградени објекти. Една од алтернативите за создавање нови зелени простори се зелените покриви. Ако правилно се изведат, тие нудат одлична топлинска изолација во текот на летото и зимата. Со зелените покриви се намалува прашината, се задржува и прочистува водата, се подобрува звучната изолација и, што е уште поважно, воздухот е почист за дишење. Исто така, зелените покриви овозможуваат да се намали и емисијата на јаглерод диоксид. Колку што има повеќе зелени покриви, толку почисти ќе бидат белите дробови на Скопје. Такви зелени покриви има на неколку индивидуални куќи, станбени и комерцијални објекти, како на пример на врвот на Халк банка, приватното училиште „Нова“, неколку приватни куќи на Водно, како и на Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево, а се дело на „Зепекомак“. Зелен покрив треба да добие и Градскиот трговски центар во Скопје.

Постојат два типа зелени покриви, екстензивни и интензивни. Екстензивните се со мала и природна вегетација, која бара минимална грижа, просторот за полнење е плиток и се садат треви и растенија, додека интензивните зелени покриви, попознати како зелени градини, бараат поголемо и редовно одржување. Зелениот покрив е систем што е составен од водоотпорна мембрана, коренски бариери, дренажни системи и системи за наводнување. Тие имаат поголема можност за разновидни дизајни, можност за создавање градина во која може да се одгледува овошје, да се произведуваат зеленчук или зрнеста храна. Одгледувањето ваква храна е исплатливо затоа што ги користи локалните ресурси, дождовницата и филтрираната отпадна вода од домаќинствата, соларната енергија и топлината што ја генерира зградата.

Докажано е дека вработените што имаат работни канцеларии со поглед кон зелени површини се 12 отсто попродуктивни од оние што во своите работни простории немаат никаков контакт со растенија. Ако се изведат правилно, зелените градини влијаат позитивно на микроклимата и го продолжуваат самиот век на градбата. Почетната инвестиција е голема во споредба со класичниот покрив, но на долгорочен план е исплатлива поради заштедата на трошоци за енергија за греење и за ладење.
Индивидуалните вложувања во потребната инфраструктура за зелени покриви и можеби не се исплатливи, но постои можност за здружување на заедниците за вложување и користење заеднички простори, како и поттикнување на градските институции да субвенционираат вакви решенија, но и за комерцијални проекти што ќе задоволат дел од локалната потреба за храна и со тоа ќе станат значаен дел од заедницата. Скопските општини велат дека се отворени за соработка и за промовирање на идејата за зелени покриви.

– Ја поддржуваме секоја идеја за подигање на зеленилото. Исто така, би поддржале и подигање зеленило на покривите, но со оглед на фактот што покривите главно се во приватна сопственост, иницијативата треба да потекне од самите сопственици или, пак, од инвеститорите, кои, за жал, досега не покажале таков интерес – велат од градот Скопје.

На територијата на општината Центар има неколку зелени покриви што се во приватна сопственост. Ова, сепак, се смета за скапа инвестиција, ваквите покриви се многу потешки и поскапи за одржување, при што ќе им се отежни буџетот на станарите од самата зграда, а прашање е дали воопшто зградите можат да ја издржат покривната конструкција, како и стабилноста на самата зграда.

– Доколку има можност за изведба на вакви покриви и доколку има интерес од страна на станарите, би им помогнале – велат од општината Центар.
Според невладината организација „Екосвест“, во Македонија нема зелени покриви, туку зелени градини.

– Во Македонија немаме вистински зелени покриви во смисла на оптимално искористување на сѐ што значи зелен покрив – топлинска изолација, намалување на бучавата, апсорбирање големи количества дождовна вода и пониска температура за време на летото. Кај нас тоа се зелени градини уредени да функционираат како декорација – истакнуваат од „Екосвест“.
Идејата за зелените градини е поддржана и од архитектите во Македонија.

– Добра идеја е скопскиот градски ѕид да биде покриен со зелени покриви, места каде што ќе може да се седи на трева на покрив во централното градско подрачје. Замислете го целиот Градски ѕид обложен со вегетација. Одржувањето е доста скапо, но бенефициите се уште поголеми. Зелените покриви, пред сѐ, служат како филтер, колектор и склад за дождовните води. Служат како термичка изолација и го чистат воздухот собирајќи ги штетните материи – вели архитектот Душко Апостолов, кој на конференцијата „Зелена архитектура“ ја пренесе својата визија за концептот зелени покриви.

Архитектот Никола Велковски вели дека покривите со вегетација се многу корисни за животната средина и се иновативни решенија, но се скапи и затоа не се барани, а најлесни за одржување и најевтини се косите покриви и затоа инвеститорите ги бараат нив.

– Зелените покриви се одржлив концепт како дел од зелената архитектура и ја намалуваат потрошувачката на енергија – објаснува Велковски.
Концептот за зелените покриви е можеби скап за изведба, но исплатлив и ефективен, а резултатите се намалената температура, прочистен воздух, изолација и прочистени води. Токму затоа се потребни сѐ повеќе и повеќе зелени покриви во многу делови на Скопје. Присутни се многу во Европа и во Америка и нивниот тренд се шири во многу земји. Можеби е време и Скопје да фати чекор и да инвестира многу повеќе во нив за градот да се освежи и барем малку да се спаси од летните горештини. Секако, тука ќе бидат долгорочни позитивните ефекти во годините што допрва идат.

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.