Плочникот низ ГТЦ како адреналински парк за возење скирол

171
Искршените плочки може да бидат опасни за минувачите низ трговскиот центар Фото: Дарко Андоновски

Групно се возат скироли и се прават скокови по плочникот на Градскиот трговски центар, со што се кршат поставените плочки. Истото тоа се прави и на плочникот пред Македонската филхармонија и никој не ги спречува вљубениците на овој адреналински спорт

Млади и енергични тинејџери, љубители на екстремни спортови и во потрага на адреналин, качени на скироли, со голема брзина поминуваат низ Градскиот трговски центар. И не само што возат брзо во група од неколкумина туку со скоковите што ги прават и тресокот што го создаваат по подот од плочки, од памет ги вадат минувачите. Последица од скоковите што ги изведуваат со скиролите се искршените плочки. Мазната подлога низ трговскиот и должината веројатно на „патеката“ што им се видела одлична за нивниот спорт се причината зошто возат скироли низ ГТЦ.

Но тоа, пак, не е причината поради која треба да им се дозволи да го прават тоа. Некој мора да им забрани, независно кој, дали управата на ГТЦ или можеби некој редар или полицаец, кој барем би можел да ги опомене за нарушување на јавниот ред и мир, како и за уништување на нешто што е јавно добро. Пред влезот на ГТЦ се гради и уредува нов плоштад, кој ќе има три вида плочки, а внатре се уништуваат веќе постојните. Ова е само една од локациите низ градов, а втората, за која станува сѐ поевидентно дека групно и сѐ почесто се возат скироли, е плочникот пред Македонската филхармонија, каде што исто така граѓаните често ja забележуваат оваа активност на млади луѓе. Не многу одамна е изградена филхармонијата, како и плочникот пред овој значаен објект, и токму затоа е недозволиво кој било и како било да го оштетува. Од градот Скопје, иако ги прашавме, не ни потврдија дали им се познати ваквите случувања и дали можеби токму тие за нив треба да се индикатор дека на младите им се потребни повеќе адреналински патеки и паркови.

– Навистина не можам да се изначудам на она што го видов неодамна со свои очи во Градскиот трговски центар. Не се чудам за затворените дуќани, чии излози се наполниле со прашина, туку се чудам како некој дозволува трговскиот центар да биде адреналински парк за оние што возат скирол. Седнавме со мојата сестра на по еден сендвич на влезот на ГТЦ и кога одненадеж од вревата, од трескот што помина покрај нас, се извадивме од памет. Залаците ни застанаа во првиот миг, кога наеднаш видовме како покрај нас со голема брзина поминаа деца скокајќи со своите скироли. На излегување застанаа и ги зедоа в раце, бидејќи од раскопаниот плочник пред ГТЦ не можеа да продолжат да возат. Па ова не е можно, си реков, а сестра ми рече дека ова не е случајно и само сега, туку дека се случувало и другпат. Токму затоа се прашувам има ли начин да се спречи ова, и онака никој ништо не прави за ГТЦ, па остана ли само уште плочникот да се уништи – вели загрижена скопјанка.
Од градот не ни одговорија дали можеби планираат да преземат нешто во врска со овие случувања.

– За љубителите на екстремните спортови градот на повеќе локации направи специјални простори каде што можат да се рекреираат. Покрај постојниот скејт-парк на кејот на Вардар и памптракот кај Олимпискиот базен, ваков специјален простор има и на скејт-паркот во Карпош – објаснија надлежните од градот Скопје.

Не одговорија ни на прашањето дали можеби планираат да изградат уште вакви адреналински паркови, бидејќи очигледно дека има многу поголема потреба од нив. Можеби и општините треба повеќе внимание да посветат на она што сакаат младите. Но најпрвин родителите, а потоа и надлежните да им укажат дека не смеат да го уништуваат она што е веќе изградено и треба да служи долго време.