Пластичниот отпад сериозна еколошка закана

159
Фото: Игор Бансколиев

Нашата земја има голем проблем со справувањето со јавниот отпад. За да се реши проблемот неопходна е селекција, а потоа рециклажа. Порано можеби исто така немало доволно развиена еколошка свест, но многу подобро се справувале со отпадот. Постоеле поголеми капацитети за обработување и рециклажа на разни материјали. Тие индустрии сега се затворени и одамна не постојат, а во замена за нив се појавуваат помали, кои немаат толкав капацитет за да ги задоволат потребите на државата

Во Македонија годишно се прават околу 700.000 тони отпад, односно секој човек прави по околу 350 килограми годишно. Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу илјада во целата држава. Од вкупниот отпад, дури 38.000 тони се пластика, а над 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови за да се распадне. Овие податоци беа изнесени на јавна презентација на студентите од Машинскиот факултет во Скопје и Институтот за комуникациски студии посветени за ефикасно управување и решавање на проблемот со отпадот во Македонија. Фрапантните бројки укажуваат на фактот дека во Македонија немаме развиено чувство на еколошка свест и токму тоа нѐ доведува во ситуација сѐ повеќе и повеќе да ја загадуваме животната околина.

Порано се правеше помалку отпад кога стаклените шишиња од пиво или јогурт се враќаа назад во продавниците за нивна повторна употреба и постоеја големи капацитети за преработка на стаклото, хартијата и пластиката. Еколозите сметаат дека тој пристап од минатото е еколошки поздрав, наспроти денешниов кога сме преплавени со употребата на пластични шишиња и најлонски ќесиња, а селекцијата на отпадот ни е само на збор. Сега се чини дека сме далеку од идејата за селектирање на отпадот, уште помалку, пак, тоа да го правиме најпрво во нашите домови, бидејќи во најлонските ќесиња заедно ги ставаме стаклото, пластиката, хартијата и другиот отпад. Еколошките здруженија промовираат повеќе начини за справување со јавниот отпад, селекција и рециклажа.

Нашата земја има голем проблем со справувањето со јавниот отпад. За да се реши проблемот неопходна е селекција, а потоа рециклажа. Порано можеби исто така немало доволно развиена еколошка свест, но многу подобро се справувале со отпадот. Постоеле поголеми капацитети за обработување и рециклажа на разни материјали. Тие индустрии сега се затворени и одамна не постојат, а во замена за нив се појавуваат помали, кои немаат толкав капацитет за да ги задоволат потребите на државата.

– Еден од постарите капацитети за рециклажа на стакло претставуваше „Стаклара“ во Скопје. Сега фирма што рециклира стакло претставува „Акрон“. Најчесто го меле стаклото во вид на песок и така го извезува. Во минатото имало рециклажни капацитети за хартија како „Комуна“, а сега постојат фирмите „ДС Смит“, „Пејпар Мил“, „Еко проект ко“. Хартијата во споредба со другиот отпаден материјал не е толку загадувачка, таа претставува биолошки производ. Поголем проблем претставува пластиката. Порано немало толку пластични материјали, сега има многу пластика, а притоа 70 до 80 проценти од тој отпад го собираат непријавени собирачи – вели Блаже Јосифовски од еколошкото друштво „Ајде Македонија“.

Некои од еколозите сметаат дека треба да се вратиме на поранешниот начин на селектирање и рециклирање на отпадот, а најважно е да не ја користиме пластичната амбалажа.

– Поранешната фабриката „Пластика“ што се наоѓаше во Карпош рециклираше пластика. Ја собираше висококвалитетната пластика, ја дробеше и ја рециклираше и од неа правеа нови гајби. Од старата пластика се создаваше нешто ново и на овој начин не се правеше отпад. А сега ваква можност нема, вакви фабрики повеќе не постојат, а помалите фирми не можат да ги задоволат потребите. За да се реши овој проблемот со отпадот потребно е да се овозможи селекција на самиот отпад. Кај нас сѐ се фрла во контејнери, но и во контејнерите за пластика често завршува разно ѓубре.

Ние треба да се вратиме неколку чекори назад, и да се каже прво дека не треба да се користи пластичното шише. Ако некој сака да купи тогаш треба и да го плати поскапо.

Уште на почетокот да се промовира поздрав пристап. Во тој однос може да кажеме дека подобро ни беше порано отколку сега. Порано се инсистираше на користење стаклени шишиња и тоа претставува многу одговорен процес. Откако ќе се искористи производот што се купува, шишето треба да се врати назад за повторно да се користи.

Сега не се промовира таков пристап и се губи чувството на одговорност спрема амбалажата, но и кон животната средина – објаснуваат од „Екосвест“.

hristijan.j@novamakedonija.com.mk