Пешаците во трка со зеленото светло на семафорите

678
Сите не можат да претрчаат на опасните семафори Фото: Маја Јаневска-Илиева

За да го уловат зеленото светло на некои од семафорите на градските крстосници, пешаците или претрчуваат или остануваат заробени на средината на пешачкиот премин. Сообраќајни експерти тврдат дека при изработка на софтверот пешаците се запоставени. ЈП „Улици и патишта“ може да ги репрограмира ваквите семафори доколку има поплаки од граѓаните

Многумина скопјани се во право кога забележуваат дека во сиот сообраќаен хаос во градов најзагрозени се пешаците, а многу попривилегирани се автомобилите. Тоа го потврдуваат и сите оние што секојдневно се во трка со времето за да го уловат зеленото светло на некои од семафорите на градските крстосници. Велат дека на некои од нив тоа навистина е невозможно, бидејќи набргу се пали црвеното светло, па навистина се добива впечаток дека времето предвидено за поминување на пешаците е димензионирано само ако тие протрчаат преку пешачкиот, инаку остануваат на средината на преминот. Но на ваква трка не можат да се изложат повозрасните или инвалидизираните лица.

За несоодветно програмиран го сметаат семафорот на крстосницата на улицата Рузвелтова со улицата Народен фронт. Велат дека ќе стигнат речиси до половина пешачки, а потоа веднаш светнува црвеното светло. Со ист таков проблем секојдневно се соочуваат и на семафорот на пешачкиот кај зградата на поранешна „Нова Македонија“ и НЛБ банка. Оваа појава најзабележлива е кај семафорите на крстосницата кај Градска болница и Собранието на Македонија, локација што е доста фреквентна. Пешаците најпрвин го поминуваат едниот дел и додека да стигнат до другиот веќе на семафорот свети црвено светло.

Чекањето на половина пешачки многумина ги нервира и им одзема време, па многупати се случува некои, и покрај тоа што се ставаат во опасност, да протрчаат додека на автомобилите им светне зеленото светло. Тој простор може да се смета за небезбеден, особено за инвалиди или за мајки со колички во кои носат мали деца.
Може ли нешто да се направи со светлечката сигнализација на овие крстосници во полза на пешаците, се прашуваат многумина. Од градот велат дека е потребна изработка на нов сообраќаен проект за промена на времетраењето на зеленото светло. Познавачите на состојбите велат дека Центарот за управување и контрола на сообраќајот во градот Скопје има изработено софтвер што ги брои возилата и тој е програмиран по одреден број возила да ги пропушти пешаците. Но по поплаки од граѓаните може да се направат промени во времетраењето на зеленото светло во полза на пешаците. Порано велат дека имало зелен бран, но тој сега е укинат.

– Секогаш кога се враќам од Зелен пазар се нервирам со семафорот на пешачкиот премин. Со полни торби ќе поминам на половина пешачки и веднаш отспротива ќе се запали црвеното светло. Повторно стојам, торбите ми тежат в раце и секогаш се прашувам кои сообраќајни инженери ги програмирале вака семафорите. Потоа морам да чекам повторно за да преминам кон станбената зграда на аголот од булевар Кочо Рацин, за да продолжам по улицата 11 Октомври. Ние пешаците сме навистина загрозена категорија, ниту семафорите не ни се наклонети и програмирани за нас, како сѐ да е обмислено само за возилата и за нивен поголем проток. Но мора некој да мисли и на нас, сите не можеме да трчаме на пешачките премини – вели повозрасна жителка на Кисела Вода.

Во Скопје не се проблем само таканаречените опасни семафори, бидејќи опасност за пешаците се и семафорите што не работат. На пример, на семафорот на крстосницата на булеварот Босна и Херцеговина со улицата Ќемал Сејфула во општината Бутел, повеќе од три месеци не се пали зеленото светло за пешаците. Токму затоа тие само го гледаат црвеното светло од страната на автомобилите за да проценат кога да поминат. Се случува пешаци што брзаат кон автобуската станица да го стигнат автобусот со бројот „57“ да згрешат во процената, па некој да се најде пред чкрипењето на автомобилските гуми. Останува нејасно дали некој го пријавил дефектот или, пак, никој не знае каде треба да се направи тоа. Сообраќајните инженери велат дека проблемот е во тоа што нема кој да ја промени прегорената светилка што го прави проблемот.

– Сите локации каде што има дефект во хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација, граѓаните можат да ги пријават до градот Скопје во Секторот за сообраќај или до ЈП „Улици и патишта“. Во однос на која било промена на сообраќајниот режим, од поставување на нова сообраќајна вертикална и хоризонтална сигнализација до промена на времетраењето на зеленото светло, потребна е изработка на нов сообраќаен проект. Овој проект потоа треба да биде одобрен од страна на СВР, а истиот тој потоа да биде имплементиран на терен од страна на ЈП „Улици и патишта“ или Центарот за управување и контрола на сообраќајот – објаснуваат од градот Скопје.


ЈП „Улици и патишта“ работи по налог од градот

Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ велат дека дел од основните тековни активности на екипите за одржување на крстосниците на кои има семафори во градот е и секојдневната контрола и обиколка на семафорите, односно контрола на исправноста на светлечката сигнализација.
– Бидејќи работиме по налог од градот и ги имплементираме проектите на терен, за промена на сигнални планови треба градот Скопје да достави нов основен сообраќаен проект за таму каде што ќе има потреба. На крстосницата на улицата Френклин Рузвелт со улицата Народен фронт нема семафор, туку е со постојана хоризонтална и вертикална сигнализација, во согласност со одобрен сообраќаен проект од градот Скопје. За семафорот кај Цветен пазар светлосните сигнали се во согласност со одобрен основен сообраќаен проект од СВР и градот Скопје -објаснуваат од ЈП „Улици и патишта“.


Пешаците изоставени при стручните мерења

Семафорите се во надлежност на ЈП „Улици и патишта“. Истово претпријатие може и да ги репрограмира во полза на пешаците.
– Од Центарот за управување и контрола на сообраќајот вршат мерења на терен и имаат бројка колку возила поминуваат и, за жал, при тие мерења пешаците се изоставени. Така, на пример, од ТЦ „Капитол“ кон ТЦ „Бисер“ нема линиска координација, зелениот бран е уништен. Работата е едноставна треба да се смени софтверот, некој треба да седне и да го програмира сето тоа. Имавме една ситуација кога граѓани се пожалија на времетраењето на зеленото светло на семафорот на улицата Мајка Тереза, поранешна Водњанска на вкрстувањето со улицата Васил Ѓоргов и беше направена промена. Еве, еден друг пример за тоа како се прават пропусти, на семафорот кај слаткарницата „Шехерезада“, кај Железничката станица, лентата за десно автомобилите ја користат за право. Градот има проект од пред пет години и тој предвидел сѐ и ден-денес останува само линии да се нацртаат. Во поразвиените земји имаат софтвер-апликација преку која граѓаните пријавуваат и за најкратко време надлежните интервенираат на нивните барања, било за семафори или за други проблеми. Така, на пример, функционира тоа во Виена, во Австрија – објаснува Николче Спасовски, дипломиран сообраќаен инженер и сообраќаен проектант.