Персонализираните картички „Скопска“ со важност од четири години, корисниците мора да ги заменат на свој трошок

211

Граѓаните кои поседуваат персонализирана картичка „Скопска“ за возење со автобусите на ЈСП ќе мора да ја заменат со нова ако ѝ е поминат рокот од четири години, на свој трошок. При тоа, на самите картички нема дата на издавање, а граѓаните важноста ќе може да ја проверат на шалтер.

– Ги информираме граѓаните, корисници на јавен превоз, сопственици на персонализирана електронска картичка „Скопска“ на која ѝ е истечен рокот на важност, којизнесува четири години од издавањето, дека истата треба да ја заменат како би го користеле превозот. Обновата односно замената на картичките може да се направи во центрите за персонализација на Транспортен центар (во автобусот), во центарот за персонализација во Карпош 2 и во Аеродром (до ТЦ Капитол), од 6 до 19.30 часот – соопштија од ЈСП.

Од таму напоменуваат дека замената на картичките е на трошок на сопственикот на картичката.

– Во случај картичката да е истечена, а на неа да има неискористени средства, тие системски ќе бидат префрлени на новата картичка. Заинтересираните, статусот на картичката можат да го проверат во центар за персонализација – велат од ЈСП.