Паркинг што се претвора во езеро или во лизгалиште

706
Станари од Автокоманда бараат решение од општината Гази Баба

Жители на скопската населба Автокоманда по секој дожд мака мачат да влезат или да излезат од паркингот зад нивната станбена зграда, бидејќи просторот се полни со вода. Во создаденото вештачко езеро од атмосферска вода може да се влезе само со гумени чизми, велат граѓаните.

Водата нема каде да истекува, а нивелацијата на паркиралиштето е таква што таа се задржува додека не испари. Уште е полошо, велат станарите на зградата број 10 од улицата 16 Македонска бригада во зима, кога ќе се напластат снег или има мраз. Тогаш паркингот станува вистинско лизгалиште, опасно за движење било пеш, било да се помине со автомобил. Но станарите велат дека имаат и друга мака, бидејќи на нивниот паркинг секој работен ден се паркираат учениците и професорите од гимназијата „Панче Арсовски“, бидејќи немаат свој службен паркинг. Станарите побарале решение за паркиралиштето од општината Гази Баба. Во писменото барање навеле по санирањето на проблемот со водата да се затворат дупките во асфалтот на паркиралиштето. Барањето до општината го испратиле на почетокот на мај годинава, но, велат дека и по половина година немаат никаков одговор.

Куќниот совет на зградата со пет влеза доставил барање и до месната заедница во Автокоманда, но завчера откако го прашале претседателот дали има нешто повратно им било кажано дека повторно нема никаков одговор од општината. Ги прашавме и ние во општината Гази Баба дали можат да им помогнат на овие станари да ги решат нивните проблеми и зошто досега не им е одговорено на нивното барање. Но и ние по два дена чекање, оттаму не добивме никаков одговор. Вчера и покрај ветувањето во телефонската комуникација дека ќе ни биде пратен одговор, до затворањето на весникот одговорот не пристигна.

– На паркингот зад зградата кога има врнежи од дожд и кога се топи снегот водата не се слева во шахтите и се прави кал по должината на целиот паркинг, а со тоа се отежнуваат паркирањето на автомобилите и движењето на станарите, учениците и персоналот од гимназијата „Панче Арсовски“, како и на други пешаци, кога доаѓаат или одат кон и од Железара. Во зградата има и приватна здравствена установа. Напоменуваме дека паркинг-просторот е тесно грло и без проблемот со водата, бидејќи тука паркираат и станарите и персоналот од гимназијата и пациентите, а кога ќе се наполни со вода скоро 50 отсто од паркиралиштето е неупотребливо – стои во образложението на барањето на станарите поднесено до општината Гази Баба на 7 мај годинава.

Граѓаните повеќепати разговарале за проблемот и иницирале состаноци, а бидејќи не можат сами да го решат побарале помош од општината Гази Баба.

– Се организиравме како куќен совет, поднесовме барање до општината Гази Баба, за жал, немаме никаков одговор. Ако земјиштето на кое се наоѓа паркингот беше наш приватен имот лесно ќе го решевме проблемот, ама не е. Кога сакавме да го откупиме изработивме елаборат, го доставивме до Министерството за финансии и остана таму замрзнат. Не сме сопственици на паркингот и затоа сами не можеме ништо да преземеме. Зградата ни е на четири ката, има пет влеза и педесет стана, што значи засегнати се многумина. Во текот на летото кога ќе заврне дожд паркингот станува фарма за комарци и навистина имаме голем проблем, како и сега во зимски услови кога водата може да замрзне на ниските температури. Не можете ниту со деца ниту со стари лица да влезете или да излезете од автомобилот. Од другата страна, пак, се гради зграда, која ќе го затвори петтиот влез на нашата зграда, наспроти сите наши реакции – вели Вера Дворска, претседателка на куќниот совет на зградата број 10.

Станарите од оваа станбена зграда стравуваат и од постоењето на азбестниот покрив, за кој исто така побарале од општината да им биде сменет. Не само што е штетен, велат тие, туку под салонитните плочи им се собирале гулаби, кои оставаат измет и нечистотија под покривот што прокиснува на секој дожд. Стравуваат од зарази, но немоќни се што било да сторат затоа што велат дека во станбениот објект 80 отсто од станарите се пензионери, кои не можат да ги поднесат трошоците за замена на покривот на целиот објект, па токму поради тоа бараат помош од општината.