Оштетените дактилни патеки сопка за сите

102

Којзнае колкумина се сопнале од искривените плочки на дактилните патеки пред Железничката станица, но добро е ако не скршиле нога или рака. Иако наменети за безбедно движење на лицата со оштетен вид, тие се опасни дури и за оние што најдобро гледаат. Гумените плочки сосема се извадени од лежиштата, а од временските услови дел се целосно искривени. Подигнати од лежиштата и искривени гумените плочки се „камен“ на сопнување. Во брзање од нив се сопнале многумина, а оние за кои се наменети воопшто не им служат. Најдобро е сите сосема да ги избегнуваат. Тие не само што веќе не ја исполнуваат основната функција, туку се сериозна пречка за слепите лица. Граѓаните многу често во брзање да не го испуштат возот или, пак, да стигнат да најдат такси-возило откако ќе стигнат во градов и со полни раце багаж се сопнуваат на искривените гумени плочки со контури. Дактилните патеки наместо да им послужат на оние на кои им се најпотребни, тие се пречка за сите. Можеби идејата да се направат дактилни патеки на едно вакво место и не е лоша, но сигурно материјалот од кој се изработени плочките и не бил совршено избран. Згора на тоа, веројатно е и лоша изведбата на овие патеки, па тие сега не користат никому.

Патеките имаат многубројни оштетувања, кои се евидентни по целата нивна должина и тие повеќе не ја вршат својата функција. На некои места фалат и цели плочки. Бидејќи се неупотребливи, надлежните би требало да ги отстранат и да направат нови кои ќе бидат изведени од поинаков материјал, како што се оние пред домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“. Нема многу дактилни патеки низ градов, па затоа и тие малку што ги има барем да им бидат од корист на оние на кои им се најпотребни.