Отворен првиот памптрак-полигон во Скопје

145

Со демонстрација на вешто возење велосипеди и ролери во центарот на градот беше отворен првиот памптрак (pumptrack) полигон во Скопје. Адреналинската патека, која е наменета за вљубениците во велосипедизмот, ролерите и скејтбордите, е сместена на просторот пред Олимпискиот базен и претставува сплет на flow-кривини и контури кои овозможуваат забавна, но, пред сè, безбедна спортска активност.

– На овој простор беше предвиден хотел на шест ката, но благодарение на Општина Центар, која го измени ДУП-от, Скопје доби ново и уредено катче со зеленило, урбана опрема и содржини за забава – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Екипите на Град Скопје во текот на изминативе два месеца изградија памптрак-полигон со вкупна површина од 1.690 квадратни метри, кој е поделен на два дела – детски полигон со површина од 290 квадратни метри и полигон за возрасни со површина од 1.400 квадрати.

На отворањето на памптрак-полигонот беше поставен и штанд за бесплатно изнајмување велосипеди и опрема за сите оние што сакаа да ја возат новата патека и да уживаат во овој адреналински спорт.