Општина Центар и пазарџиите постигнаа договор за проблемот со паркирање

179
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Уредување на т.н. „див паркинг“ зад Зелениот пазар во Центар кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален, е решението за кое се договориле општинските власти и ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ), со пазарџиите со цел да се надминат проблемите со паркирање.

– Дивиот паркинг позади Зелен пазар моментно е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите, ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од улицата 11 Октомври и булеварот Кочо Рацин. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето Автомакедонија целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови – информираат за договорот од општина Центар.

На средбата на која учествувале градоначалникот Саша Богдановиќ, директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, и директорот на Скопски пазар, Младен Дамев, заедно со претставници на пазарџиите, се разгледувале доставените барања, како и нови ефикасни решенија кои се во интерес и на жителите и на трговците од Зелен пазар.