Општина Гази Баба ќе работи на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора

79

Општина Гази Баба, заедно со Центарот за развој на Скопски плански регион, ќе работат за разрешување на проблемите со поројните води на Скопска Црна Гора.

Со заеднички средства ќе изработат студија преку која ќе ги мапираат проблемите, за ефикасно да бидат решени.

Делови од Скопска Црна Гора се прогласени за ерозивни подрачја и подрачја загрозени од ерозија, две нивоа што означуваат дека постои трошење на земјата во овој предел. Како најкритични, експертите ги посочија селата Раштак, Булачани, Црешево, Страчинци и Брњарци, а има и опасни водотеци кои исто така доведуваат до водна ерозија.

Целта е преку овој долгорочен проект да се спречи водната ерозија во овој регион и никогаш да не се дозволи да се повтори катастрофалната поројна поплава која се случи во август, 2016 година, во која најзасегнати беа токму овие села во подножјето на Скопска Црна Гора.