Општина Гази Баба спроведе акција за пошумување на Скопска Црна Гора

73

Во Страчинци се засадуваат 15.000 багреми. Од општина Гази Баба велат дека ова место е одбрано за оваа акција затоа што според студијата за ерозија која ја направиле како општина со експертите од Шумарскиот факултет, Страчинци заедно со населените места Раштак, Булачани, Црешево, Виниче и Брњарци, спаѓаат во едни од најкритичните ерозивни подрачја во општината.

-Затоа засадуваме багреми, кои лесно се зафаќаат како дрвја и кои ја собираат водата од почвата и прават заштита за идните поголеми количества на вода од дождовите кои што можат да бидат причина за ерозија на почвата, особено на вакви суводолици. Со ова, во иднина ќе се спречи создавање на елементарни промени на почвата од големите количества на вода кои носат големи ерозивни наноси кои предизвикуваат големи штети. Оваа акција е од големо значење за овој регион кој е суводолица токму поради бесправната и дива сеча која во последните 10 години има сѐ поголем замав на Скопска Црна Гора – рече градоначалникот Георгиевски.

Тој нагласи дека целта е да се спречи водната ерозија во овој регион и никогаш да не се дозволи да се повтори катастрофалната поројна поплава која се случи во август, 2016 година, во која најзасегнати беа токму овие села во подножјето на Скопска Црна Гора.

Општина Гази Баба и Владата преземаат конкретни мерки за заштита на животната средина, но граѓаните мора да се вклучат во одржувањето на околината околу себе затоа што нашиот труд нема да се исплати доколку жителите и понатаму ги сечат дрвјата кои ние ги садиме, да ги полнат каналите кои ние ги чистиме и намерно да предизвикуваат пожари само за свои цели. Колку повеќе се вклучиме во чувањето и одржувањето на животната средина, толку повеќе ќе ја имаме, од нас зависи, посочи градоначалникот на општина Гази Баба.