Општина Бутел ќе субвенционира купување велосипеди и електрични тротинети

535

По повод Светскиот ден без автомобили, градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, беше дел од велосипедска тура со учениците од основните училишта на територија на Општината.
Во рамките на оваа манифестација учествуваа повеќе од 100 ученици од основните училишта на Општина Бутел, ликовни наставници, вработени од детските градинки, како и жители од Општината. Почетокот на настанот беше на почетокот на новиот булевар Христијан Тодорвски-Карпош. Велосипедистите се движеа по велосипедската патека на новиот булевар и во обратен правец на булеварот до подвозникот.
На овој настан градоначалникот Велимир Смилевски упати апел до сите жители, автомобилите да ги користат одговорно, и нагласи дека ова се денови кога улиците треба да бидат полни со велосипеди и луѓе.
Тој најави и дека Општината деновиве ќе објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците за купување велосипед или електричен тротинет за граѓаните на Општина Бутел.
– Со тоа покажуваме континуитет во работењето за промоцијата на употребата на алтернативни превозни средства, чија предност, за разлика од автомобилите, е намалување на метежот во сообраќајот и загадувањето на животната средината – истакна градоначалникот Смилевски.