Општината Центар ќе кофинансира санација на лифтови и на покриви за неколку згради

184

Општината Центар за неколку станбени згради финансиски ќе ги поддржи поправката и санацијата на постојните лифтови и покривните конструкции. Проектот ќе го реализира на објектите чиј избор ќе го направи комисија, откако тие ќе се пријават на јавен повик.
Од Центар информираат дека на повикот на општината биле поднесени 51 пријава, а комисијата донела одлука за избор на 10 станбени објекти што ги исполниле условите за финансиска помош за санација на лифтови и 16 станбени објекти за финансиска помош за санација и поправка на покривите.
– Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од буџетот на општината Центар, во висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари, за реконструкција на постојните покривни конструкции и висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста, но не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација. Сопствениците на посебни делови преку кредитирање или во готово ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 70 отсто од вкупниот износ од вредноста за реконструкција на постојни покривни конструкции и поправка и санација на лифтови – објаснуваат од Центар.
Санацијата и обновувањето на старите лифтови во станбените згради во Скопје е нужна, особено затоа што многумина од нив претставуваат потенцијална опасност за станарите ако не се сервисирани од стручни фирми, лиценцирани за таа работа. Кај некои, пак, од зградите лифтовите не функционираат и со месеци, бидејќи станарите не можат да соберат пари за нивна санација, па оттаму лифтовите се проблем и на другите скопски општини.