Општината Бутел со кампања за заштита од кражби летово

106

„Превенција од имотни деликти“ е насловена кампањата што започна во населбата Бутел 1, а се реализира во соработка со Секторот за внатрешни работи-Скопје. Активностите започнаа вчера, пред паркингот на маркетот „Рептил“ со средба со граѓани, а кампањата е дел од проектот „Полицијата и граѓаните – заедно за поголема безбедност на Бутел“.

Целта на оваа кампања е подобрување на личната и севкупната безбедност, зголемување на безбедноста на имотите на граѓаните, намалување на бројот на извршени кривични дела, едукација на граѓаните за постапување при забележување сторител на кривично дело, како и градење доверба и подобра комуникација на граѓаните и полицијата. Како дел од кампањата градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски, заедно со полициски службеници од СВР-Скопје, подели едукативен материјал.

Брошурите вклучуваат совети за превентивни активности што треба да ги преземат граѓаните за да знаат како да спречат провали и кражби во своите куќи и станови. Овој проект ќе продолжи со едуцирање на граѓаните како да се заштитат во текот на летниов период. Понатаму, во соработка со локалната самоуправа, ќе се одржуваат средби со граѓаните на кои тие ќе се едуцираат како да ги заштитат своите имоти. И на средбите ќе се зборува за заштита од провални кражби во домови, за џебни и дрски кражби, како и за заштита при евентуални разбојништва и тешки кражби во возила.