Општинарите заборавија на крпењето сервисни улици

62
Граѓаните не бараат ништо повеќе од услови за сообраќај и движење Фото: Игор Бансколиев

Граѓани се гневни и огорчени, бидејќи секојдневно со своите автомобили или велосипеди се обидуваат да ги заобиколат дупките во своето маало. Со такви тешкотии се соочуваат мајките со колички за бебиња и оние со колички за на пазар. Во некои од пооштетените улици не сакаат да влегуваат ниту таксистите за да не ги оштетат своите автомобили

Некои од скопските општини како да заборавија на обврската да ги закрпат дупките на коловозите од сервисните или таканаречените станбени улици. Граѓаните велат дека им е јасно дека градоначалниците не сакаат да се занимаваат со ситни инфраструктурни проекти, но за нив инфраструктурата е секојдневен проблем во Чаир, Гази Баба, Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров. Велат дека многу се гневни и огорчени, бидејќи секојдневно со своите автомобили или велосипеди се обидуваат да ги заобиколат дупките во своето маало. Со тешкотии се соочуваат мајките со колички за бебиња и оние со колички за на пазар. Во вечерните часови е потешко да се заобиколат дупките особено затоа што не се видливи кога по некој дожд тие ќе се наполнат со вода.

Во некои од пооштетените улици не сакаат да влезат ниту таксистите за да не ги оштетат своите автомобили. Полна со дупки е улицата Павле Илиќ во Чаир, потоа Ресенска на која со години не е обновен асфалтот и не се закрпени дупките. Вакви улици има и во населбата Автокоманда во општината Гази Баба, а полна со дупки од едниот до другиот крај е и улицата Ташко Караџа. Дупки има и на Шеснаесетта македонска бригада. Оние, пак, од Кисела Вода исто така велат дека имаат проблем со дупки на сервисните улици, а особено на улицата Христо Татарчев, кај сервисот „Мечкаров“, како и на улиците Ѓорги Димитров и Димо Хаџи Димов. Жители од населбата Хром тврдат дека има дупки на дел од улицата Исаија Маџовски, а оние, пак, од населбата Драчево се жалат дека не можат да поминат на дел од улицата Живко Фирфов, која е полна со дупки и со години никој не ја санира. На дупки по сервисните улички се жалат и железарци и бутелчани, а во Аеродром тие се евидентни на улицата Февруарски поход.

Во својот отчет за реализираните проекти по две години од својот мандат, градоначалникот на општината Бутел соопшти дека во рамките на своите активности за подобрување на сообраќајната инфраструктура на територијата на Бутел се реконструирани 20 сервисни улици во четири месни и урбани заедници, каде што е поставен асфалт на вкупна површина од околу 13.000 квадратни метри, во вредност од 21.929.164 денари. Тоа значи дека за 24 месеци биле закрпени само 20 улици. За истиот период биле изградени десетина пешачки патеки, кои исто така недостигаат како инфраструктура помеѓу станбените згради.
– Направена е санација и крпење на ударни дупки на територија на општината Бутел со вкупен износ од 1.240.600 денари – се вели во отчетот на градоначалникот на општината Бутел, Велимир Смилевски.
Од општината Чаир не одговорија кога планираат да ги санираат дупките по сервисните улици во нивните населби. На овој проблем се жалат и ѓорчепетровци, а надлежните од локалната самоуправа им порачуваат на жителите да бидат трпеливи и дека работите ќе бидат исправени.

– Општината Ѓорче Петров работи тековно и континуирано на санација на уличните дупки или, пак, на целосна реконструкција на поголеми или на помали улици на целата територија на општината, од кои, за жал, многу затекнавме во катастрофална состојба. Во изминатите две години работено е на над 50 улици во урбаниот и руралниот дел на Ѓорче Петров. Последно ги финиширавме со асфалт 33-те улици во Кисела Јабука и во Волково, проект преку Министерството за транспорт и врски. Граѓаните од тој дел на Ѓорче Петров се презадоволни што по толку години добиваат соодветни услови за движење и сообраќање. Претходно, особено во врнежливи денови, се соочувале со собирање вода и калливи улици. Но тие проблеми сега се минато. Апелираме на трпеливост кај нашите жители, бидејќи се водиме според програмите за работа и се обидуваме да стигнеме на сите страни. Често и вонредно реагираме. И покрај лошите временски услови во овој период, ние продолжуваме со инфраструктурните зафати на целата територија на Ѓорче Петров – велат од оваа скопска општина.
Но биле трпеливи или не, на граѓаните ништо друго и не им преостанува, освен да чекаат некој да дојде и да ги пополни дупките во асфалтот на нивните улички.