Опасни дупки зјаат во асфалтот на улиците

176
Дупки на улицата Јуриј Гагарин пред ресторанот „Интермецо“ Фото: Игор Бансколиев

Оние што знаат каде има дупки во асфалтот, внимаваат и ги избегнуваат, но тие што не знаат и возат во ноќните часови, често налетуваат на нив. Дупките во асфалтот се опaсност не само за возачите туку и за велосипедистите. Некои општини тврдат дека се во тендерска постапка за да изберат фирма што ќе ја изврши санацијата на улиците што се под нивни ингеренции

Надлежните, градот Скопје и претпријатието „Улици и патишта“‚ како да заборавија на санација на улиците, а дупките во асфалтот се постојана опасност за сите учесници во сообраќајот. Обврска на градот е да ги санира коловозите на градските улици што се под негова ингеренција, а општините пак се одговорни за т.н. сервисни улици. И едните и другите како да ја запоставија оваа обврска, а граѓаните секојдневно мака мачат кога сообраќаат по коловозите полни со дупки. Не само што ги оштетуваат своите автомобили туку се плашат и за својата безбедност, бидејќи доколку не ги забележат поголемите дупки, може и да настрадаат. Оние што знаат каде има, внимаваат и ги избегнуваат, но тие што не знаат и возат во ноќните часови, често налетуваат на нив.

Дупките во асфалтот се опaсност не само за возачите туку и за велосипедистите, кои многу често велат дека ги забележуваат, особено на сервисните улички по населбите. Некои општините тврдат дека се во тендерска постапка за да изберат фирма што ќе ја изврши санацијата на оштетените улици. Тоа значи дека уште цел месец нема да има крпење сообраќајници и ќе се вози по коловози полни со дупки. Нивното крпење ќе започне кон средината на јуни. А дотогаш по дупки ќе се вози и по улицата Методија Митевски, во скопската населба Топанско Поле. По оваа градска сообраќајница има дупки како кратери, кои секојдневно вешто мора да ги избегнуваат не само граѓаните туку и возачите на автобуската линија со бројот „9“, која поминува по оваа улица. Две големи дупки има и на Август Цесарец, а од општината Чаир велат дека одамна чекаат градот да ги санира, бидејќи овие две сообраќајници се под негова ингеренција.
Коловозите делумно се оштетуваат и од солта што се фрла по улиците во зимскиот период. Дупки во асфалтот има и на повеќето улици во Ѓорче Петров, во Кисела Вода, Гази Баба и други скопски општини. Некои скопјани сметаат дека крпењето со ладен асфалт е само привремено решение, па токму затоа по кратко време, покрај старите, се појавуваат и нови дупки на улиците.

– Неодамна безмалку ќе настрадав од дупка во асфалтот на улицата Борис Трајковски, во близината на трафостаницата пред Драчево, или т.н. индустриска зона. Веројатно предоцна ја видов дупката и со едното тркало речиси пропаднав во неа, автомобилот ми потскокна и се слушнаа пукање на гума и тресок. Нормално, се исплашив, запрев и излегов од автомобилот за да видам што е оштетено. Имав искривен бандаж и пукната гума. Додека стоев уште збунет од случката, забележав дека и друг возач по мене пропадна во дупката. Можеби не сме биле само ние двајца, имало и други, од кои веројатно некој се пожалил, па по неколку дена забележав дека имаше лоша закрпа. Но важно беше пополнета, за да не се случи некоја поголема несреќа – вели Гоце Милевски од населбата Драчево.

Од градот, пак, тврдат дека постојано санираат дупки по коловозите на градските улици.
– Екипите на ЈП „Улици и патишта“, во согласност со програмата за одржување на улиците во надлежност на градот Скопје, секојдневно работат на санација на коловозите на сите сообраќајници што се во надлежност на градот Скопје. Станува збор за санации на улици и ударните дупки што се појавуваат. Паралелно на ова, градот Скопје врши и целосни реконструкции на коловози на кои има поголеми оштетувања,
Од општината Чаир велат дека во согласност со акцискиот план на Секторот за урбанизам, во наредниот период е предвидена реконструкција на делови од повеќе улици под надлежност на општината.

– Во моментов се работи на улицата Никола Малешевски, потоа за санација се планирани улиците Дижонска 1, Дижонска 9, Дижонска 11, Дижонска 19, Ордан Чопела, Виргино, крак на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, крак на Цветан Димов. Потоа ќе следуваат Ѓорѓи Томовски, Крсте Асенов, Пере Тошев, Прохор Пчињски, Кримска, Ковачка, Севастополска и улиците Серава, Места и Коста Абрашевиќ. За секоја улица е изработен проект за констатација на фактичката состојба и извршена е процена на видот и потребната интервенција, целосна реконструкција или рехабилитација на коловозот- информираат од општина Чаир.
На дупки по улиците се жалат и ѓорчепетровци, кои велат дека ќе ги искршат возилата, особено кога возат во ноќните часови.

– Санацијата на дупките на сите сервисни улици ќе се реализира откако ќе заврши тендерската постапка, за која во моментов се чека усогласување со новиот закон за јавни набавки. Претходно имавме избори и не можеа да се распишуваат тендери, а пред изборите, пак, сѐ уште не беше сезона, бидејќи не беа отворени асфалтните бази. За еден месец стручни екипи ќе излезат на терен, ќе ја констатираат состојбата и етапно, во фази, ќе се крпат сите сервисни улици за кои е надлежна општината. За главната сообраќајница во Ѓорче Петров веќе побаравме од градот да се санира коловозот – вели Весна Куксановиќ, портпаролка на општината Ѓорче Петров.
До целосната санација на улиците, на возачите им преостанува да внимаваат повеќе, а надлежните пак многу повеќе грижа да покажат и за овој проблем.

[email protected]