Онлајн плаќање сметки за комунален отпад

Граѓаните можат да ги платат сметките за комунален отпад од своите домови - Фото: Игор Бансколиев

Јавното претпријатие „Комунална хигиена-Скопје“ со многубројни новитети

Ова не е единствена новина од комуналното претпријатие. Од први јуни, во просториите на претпријатието и официјално започна да функционира ново Одделение за грижа на корисници

Пренасочувањето на услугите на јавните градски претпријатија на интернет-просторот и обезбедувањето можност граѓаните да ги плаќаат своите сметки онлајн, беше значајна новина што беше реализирана во изминатиот период од многубројни институции, претпријатија, но и од приватниот сектор.

Корона-кризата можеби дополнително ги мотивира правните субјекти да го забрзаат овој процес за граѓаните да можат од својот дом да ги платат своите сметки, за да се заштитат себеси, но и вработените во претпријатијата од можно заразување со вирусот.

На тој начин ги штитат своите вработени, се штитат себеси, но ги штитат и граѓаните, а им помагаат и на здравствените установи со тоа што директно учествуваат во намалување на метежите, кои честопати можат да се видат пред голем број институции, што се едни од главните причини за пренесување на коронавирусот.

Токму како дел од осовременувањето на услугите, јавното претпријатие „Комунална хигиена -Скопје“ имплементира значајна новина достапна за корисниците на нивната интернет-страница. Станува збор за можноста за онлајн плаќање, со која граѓаните повеќе не мора да трчаат во пошта или во банка за да ги намират своите обврски кон претпријатието.
– Станува збор за онлајн плаќање, услуга што на граѓаните значително им го олеснува процесот на плаќање на сметките за собирање и транспорт на комунален отпад. Само во првиот месец од воведувањето на онлајн плаќањето, оваа можност ја искористиле околу 150 корисници – изјави портпаролката на КХС, Ана-Марија Бранѓолица.

Ова не е единствена новина од комуналното претпријатие. Од први јуни, во просториите на претпријатието и официјално започна да функционира ново Одделение за грижа на корисници.
– Со отворањето на ова одделение, во чиј состав се наоѓа и архивата на претпријатието, претпријатието им излезе во пресрет на потребите на корисниците, за полесен, побрз и побезбеден пристап до услугите што се во доменот на административното работење на претпријатието – истакна Бранѓолица.

Таа нагласи дека во одделението неделно се опслужуваат приближно 100 странки, кои го изразуваат своето задоволство од можноста на едно место да ги поднесат сите свои барања и да ги добијат потребните информации.
– Одделението за грижа за корисници функционира од понеделник до петок, во терминот од 07 до 19 часот, а корисниците ќе имаат можност сите потребни информации да ги добијат и по електронски пат, на е-адресата: [email protected] Наедно, сите потребни обрасци што се однесуваат на барањата на корисниците се објавени и на веб-страницата:
www.khigiena.com.mk – информира таа.

Претпријатието исто така почна и со електронска достава на фактурите на корисниците.

Граѓаните ги поздравуваат новините имплементирани од страна на комуналното претпријатие. Велат дека многу им ја олеснува целата процедура на плаќање на услугите, особено сега, во период кога мора да се заштитат и да избегнуваат редици луѓе што чекаат пред вратите на банките и поштите.
– Сега сѐ се завршува брзо, просто и лесно. Само со неколку кликања од дома можам да си ги платам услугите. Откако почна пандемијата на коронавирусот, навистина избегнувам да се мешам со други луѓе. Секаде каде што можев плаќањата ги направив онлајн за да не морам да чекам редици. Ова што го направија од страна на комуналното претпријатие беше од голема важност за мене и за моето семејство, бидејќи јас сум со хронично заболување, а живеам со лица постари од 70 години – истакна Верица Стојановска, која веќе ја користи услугата за електронско плаќање на претпријатието.

[email protected]