Околу 50.000 нерегистрирани возила се закана за безбедноста во сообраќајот

389
Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во Македонија се движат околу 50 илјади нерегистрирани возила. Лани полицијата поднела дури 15.362 барања за поведување прекршочна постапка за управување со нерегистрирано моторно возило. Кажано со други зборови, секој ден во просек се откривале по околу 42 нерегистрирани возила. Казната за нерегистрирано возило изнесува 500 евра

Возилата што не биле носени на редовен технички преглед, не се регистрирани и осигурени, претставуваат сериозна закана за безбедното одвивање на сообраќајот, тврдат надлежните институции. Некои возачи не го регистрираат своето возило, не прават технички преглед и проверка и најчесто возат технички неисправни автомобили. Таквите возачи и покрај тоа што забележуваат дека има одредени неправилности или одреден систем на возилото не функционира делумно или целосно, сепак одлучуваат да учествуваат во сообраќајот и на тој начин ја загрозуваат не само својата, туку и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Ваквите состојби укажуваат на фактот дека е неопходно да се посвети поголемо внимание на возилото како фактор за безбедноста на сообраќајот на патиштата, односно на важноста на техничката исправност. Последните податоци на државните институции и на осигурителните компании укажуваат дека постојат голем број нерегистрирани, но и технички неисправни возила што покажа и трагичниот случај со автобусот на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, кој однесе 15 човечки животи, а 37 лица завршија со потешки или со полесни телесни повреди.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, лани полицијата поднела дури 15.362 барања за поведување прекршочна постапка за управување со нерегистрирано моторно возило. Кажано со други зборови, секој ден во просек се откривале по околу 42 нерегистрирани возила.

– Во 2012 година, во Македонија, вкупниот број на осигурени возила изнесувал околу 300.000, додека во последните години таа бројка надминува 510.000 осигурени возила. Зголемениот број возила значи и зголемен интензитет на сообраќајот, а со тоа и потенцијалниот ризик за предизвикување сообраќајни незгоди е поголем. Според процените на осигурителните компании во Македонија, околу 50.000 нерегистрирани и неосигурени возила учествуваат во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за неговото безбедно одвивање – велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и патиштата (РСБСП). Ваквата состојба е загрижувачка, додаваат оттаму, апелирајќи до сите оние што управуваат нерегистрирано, технички неисправно и неосигурено возило, веднаш да преземат мерки во согласност со законските обврски затоа што на тој начин не само што го прекршуваат Законот за возила туку ја загрозуваат и безбедноста во сообраќајот.

Според законските одредби, за учество во сообраќајот на патиштата, возилата задолжително треба да бидат регистрирани, да имаат важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и треба да бидат означени со пропишани регистарски таблички. Доколку не се почитува одредбата за управување со нерегистрирано возило, се предвидува казна, која изнесува 500 евра.

– Причините поради кои некои од граѓаните избегнуваат да го регистрираат сопственото возило се економски, односно заштеда на средства со заобиколување на законот. Ваквата постапка не само што не носи економски бенефиции туку носи голем ризик и загуби за возачот, односно сопственикот на возилото, кои се манифестирани на повеќе начини – објаснува секретарот на РСБСП, Ристо Манчев.

Технички исправното возило, сообраќајните експерти, заедно со човекот и патната инфраструктура се вбројуваат во трите најважни фактори од кои зависи безбедноста во сообраќајот. Од РСБСП укажуваат дека е неопходно возачите да ги сфатат сериозноста и потребата, односно важноста на техничката исправност на возилото и важноста на неговото тековно одржување, осигурување и регистрирање за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот на патиштата.

Експертите за безбедност на патиштата велат дека во таа насока е потребно да се преземат мерки за зголемување на јавната свест за опасноста од управување со технички неисправно, нерегистрирано и неосигурено возило. Особено е потребно засилување на личната одговорност кај возачите и сопствениците на моторните возила и, секако, засилени контроли и санкционирање на неодговорните возачи.

[email protected]


Возилата повеќе не добиваат регистарски налепници

Некои граѓани тврдат дека откако го регистрирале своето возило не добиле регистарски налепници, како што беше практика. Откако ги прашавме одговорните во АМСМ зошто не се издаваат ваквите налепници, оттаму нѐ информираа дека е прекинато издавањето на регистарските налепници. За причината нѐ преупатија да прашаме во Министерството за внатрешни работи. Од МВР велат дека издавањето на налепниците е прекинато во согласност со новиот закон за возила.

– Во согласност со одлуката на Одделот за граѓански работи при Министерството за внатрешни работи, од 14 јануари 2019 година до донесување на измените на Законот за возила, во постапката за регистрација на возила по основа на прва регистрација и по основа на продолжување на важноста на регистрацијата на граѓаните нема да им се издава и нема да им се наплатува за налепница за извршена регистрација за 2019 година. Во согласност со истата одлука, при контрола на возилата во сообраќајот на пат, полициските службеници ќе прават увид во сообраќајната дозвола заради проверка на важноста на истата таа, и притоа нема да бараат возилата да бидат обележани со налепница за извршена регистрација за 2019 година со сина боја – велат од МВР-Скопје.