Од човечка негрижа беснееја пожари во скопскиот регион

260
Фрлено догорче или фрлено шише може да предизвикаат пожар - Фото: Игор Бансколиев

Од 15 до 21 август годинава имало 11 шумски пожари, а за шест месеци се евидентирани 1.485 пожари во скопскиот регион. Пожарникарите апелираат граѓаните да се придржуваат до мерките за превенција и доколку забележат евентуален пожар да се јават на бесплатниот телефонски број 193

Летото е период кога пожарите се најактуелни, а изминативе денови повеќе пожари се случија и во скопскиот регион. На почетоков од летово најпрвин имаше пожари на Скопска Црна Гора, во Бутел, додека, пак, последниве се случија покрај селата Љубин и Кондово во општината Сарај и во населбата Пинтија во општината Кисела Вода. Пожарникарите велат дека во овој период високите температури и негрижата на граѓаните се најчестиот фактор од кој се предизвикани пожарите.

– За шест месеци имаме евидентирано 1.485 пожари на територија во скопскиот регион – вели командирот на скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски. Тој додава дека само за седум дена, од 15 до 21 август годинава во скопскиот регион имало 11 шумски пожари. Според процените на скопската противпожарна бригада, скоро половина од последните пожари се од отворен карактер. Од Министерството за внатрешни работи вчера не добивме одговор дали за некои од настанатите пожари се најдени осомничени и дали веќе се водат постапки против некои лица, за кои, пак, е утврдено дека предизвикале опожарување. Нема одговор ниту за проценетата штета од пожарите.

– Од 11 пожари само четири се големи од отворен карактер, во кои се изгубени високостеблеста и нискостеблеста шума. Голем број дрвја, како бор, смрека и елки, се изгорени. Нашите пожарникари последниве неколку дена работат на случајот за гаснење на пожарот во Кондово. Во овој регион, во понеделникот се појави пожар што до вечерта во вторникот беше локализиран. Но во средата повторно се активира во текот на денот – вели Симоновски.
Пожарникарите објаснуваат дека во летниот период, кој е проследен со високи температури, предизвиканите пожари неретко се подметнати од луѓе. Според нивното искуство, најчестиот фактор за причинување на пожарите претставува човечкиот фактор.

– Има разни причини од кои се предизвикани пожарите. Неодговорноста на луѓето е најчестиот фактор. Некогаш предизвикуваат пожар кога ги горат стрништата, другпат кога ги горат остатоците за да може побрзо да израсне наредната жетва, некогаш подгоруваат дрвја за да ги направат некорисни и да ги исечат. Во овој процес се случува работата да излезе надвор од контрола и така настануваат големи пожари. Во други случаи станува збор за немарност како фрлено догорче или фрлено стаклено шише – вели Симоновски.

И од градот Скопје потврдуваат дека човечкиот фактор е најчестата причина за пожари, без разлика дали станува за невнимание или намерно подметнување.
– Изминативе денови противпожарната бригада на градот Скопје работеше на гаснење пожари на отворено во Пинтија, Мојанце, Долно Блаце како и во селото Љубин во општината Сарај. Генералните препораки за летниот период се граѓаните да внимаваат кога се на отворено и да не се фрлаат цигари и догорчиња, да не се фрлаат стаклен отпад и стаклени шишиња, да не се палат оган и скара на отворен простор и шума, да не им се дозволува на децата да си играат со запалки, пламен и жар. Исто така да не се пали отпад и друг горлив материјал, да не се палат стрништа и меѓи – имајте на ум дека почетниот пожар може да се изгасне со една чаша вода – велат од градот.

Од скопската противпожарна бригада потврдуваат дека периодов имало пожари низ целиот скопски регион. Глумово, Чардак, Сарај, Кондово, Љубин, Пинтија, скоро секаде каде што има суви дрвја и гранки или исушена нискостеблеста шума. Првиот човек на бригадата, Симоновски, вели дека со оглед на тоа што во наредните 10 дена се прогнозираат високи температури, нема да биде неочекувана појавата на шумски пожари во регионов.

Пожарникарите апелираат граѓаните да бидат внимателни што оставаат зад себе, со напомена дека треба да се почитува забраната за движење во шумите. Како што е веќе познато, неодамна се воведе 24-часовна забрана за движење во шума и шумско земјиште. За сите оние што не ја почитуваат забраната се предвидува казна од 1.500 до 2.000 евра. Забраната не важи за движење во парк-шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите.
Од скопската противпожарна бригада повикуваат граѓаните со своето учество да придонесат за намалување на пожарите, односно да се придржуваат до мерките за превенција од пожари, но и доколку забележат евентуални пожари веднаш да се јават на бесплатниот телефонски број 193.