Од Скопје собрани повеќе од 150 тони комунален отпад

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екопатролата на „Комунална хигиена“ во 2020 година подготвила 1.194 информативно-едукативни записници, кои им биле врачени на граѓаните и на правните субјекти што биле затекнати при неправилно одложување отпад, односно поради прекршување на Законот за јавна чистота

РЕТРОСПЕКТИВА НА РАБОТЕЊЕТО НА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ ВО 2020 ГОДИНА

Целокупната состојба со пандемијата што ги зафати земјава и целиот свет остави траги не само на секојдневниот живот на граѓаните туку и на начинот на работа на јавните претпријатија, меѓу кои е и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје (ЈПКХС). Годишниот извештај, кој секој јануари се објавува од страна на комуналното претпријатие, годинава дополнително е збогатен со вонредната работа што мораше да се реализира за спречување на ширењето на коронавирусот.

Со годините расте и количеството на собраниот отпад

Во текот на 2020 година, екипите на комуналното претпријатие седум пати во неделата, во три смени, вршеле собирање и транспорт на комуналниот отпад од скопските домаќинства и од речиси 600 стопански субјекти во урбаниот и руралниот дел на градот.
– Во изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 158.476 тони комунален отпад. Количеството на подигнат отпад во 2020-та во однос на 2019 година е зголемено за 4.713 тони, односно 3,07 проценти. ЈПКХС преку секојдневно машинско и рачно миење и метење ја одржува и хигиената на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини во градот Скопје – се вели во годишниот извештај.
Како дел од дополнителната работа поврзана со превенцијата од ширење на вирусот, КХС од почетокот на март, кога всушност и беше евидентиран првиот случај заболен од ковид-19, почна да функционира со двојно зголемен обем на активности.
– Секојдневно се спроведуваа машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камени мост, мостот „Гоце Делчев“, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и старата скопска чаршија. Во повеќе наврати беа реализирани рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и на голем број детски игралишта во сите скопски општини. ЈПКХС континуирано вршеше дезинфекција и на сите подземни и надземни контејнери, вклучувајќи ги и нивните микролокации – информираат од претпријатието.

Лани собрани девет илјади кубни метри отпад од депонии

Комуналното претпријатие во заеднички акции со Градот Скопје и другите јавни претпријатија реализира голем број активности за генерално чистење на градот, кејот на Вардар, но и на дивите депонии.
– На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈПКХС отстранија над девет илјади кубни метри отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно фрлање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2019 година беа расчистени 8.721 кубни метри, во 2018 година 5.144 кубни метри, додека во 2017 година само 835 кубни метри отпад од диви депонии – велат од комуналното претпријатие.

Екопатролата подготвила 1.194 записници за несовесни граѓани

Екопатролата на „Комунална хигиена“ во 2020 година подготвила 1.194 информативно-едукативни записници, кои им биле врачени на граѓаните и на правните субјекти што биле затекнати при неправилно фрлање отпад, односно поради прекршување на Законот за јавна чистота.
– По врачувањето на записниците, сторителите отстранија приближно 802 кубни метри неправилно фрлен отпад од јавните површини – велат оттаму.


Лани се поставени 200 нови канти за ѓубре на сто локации

Во текот на 2020 година, на сто локации, речиси во сите скопски општини, ЈПКХС постави околу 200 нови садови за фрлање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2 кубни метри, а беа поставени и 500 нови канти наменети за фрлање ситни отпадоци.
– Во овој период, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за фрлање комунален отпад, од кои 10 нови садови со зафатнина од 3,2 кубни метри. Сите опожарени контејнери во најкраток можен рок беа заменети со нови садови, за да се задржат ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје – велат од комуналното претпријатие.


Заштитата на јавното здравје приоритет во 2021 година

Во 2021 година, како што информираат од „Комунална хигиена“, врвен приоритет за претпријатието ќе остане заштитата на јавното здравје, а секојдневното дејствување ќе им биде насочено кон намалување на ризикот од проширување на ковид-19, преку одржување на јавната хигиена во градот Скопје на највисокото можно ниво.
– Во таа насока, планирана е набавка на 47 нови специјални комунални возила – метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад. Очекуваме обновувањето на возниот парк и механоопременоста на претпријатието во голема мера да придонесе за поефикасно и поквалитетно извршување на нашите активности.
Екипите на ЈПКХС, во координација со Град Скопје и сите градски јавни претпријатија, и во претстојната година ќе продолжат да спроведуваат координирани активности и акции, за сите заеднички да создадеме почисто и поубаво Скопје – велат од претпријатието.

[email protected]