Од „Охис“ истече голем проблем

898
Фото: Игор Бансколиев

Сѐ уште неутврденото количество на метил акрилат мономер, токсична супстанција што при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди, која истече од цистерна во кругот на скопската фабрика „Охис“, ги вознемири граѓаните и ги мобилизира надлежните конечно посериозно да се позанимаваат со сѐ поголемото загадување

Основното јавно обвинителство вчера го чекаше извештајот од Министерството за животна средина и просторно планирање околу хаваријата што во петокот била регистрирана во скопската фабрика „Охис“, кога истекло сѐ уште неутврдено количество метил акрилат мономер, токсична супстанција што при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди, по што припадници на АРМ биле повикани да асистираат при земањето примероци од течноста, а меѓу граѓаните се создаде голема паника. Врз основа на тој извештај обвинителството ќе одлучи како ќе постапи понатаму, кажа државниот обвинител Љубомир Јовески.

Имено, истекувањето се случило во кругот на органско-хемиската индустрија „Наум Наумовски-Борче“, каде што правен субјект од Скопје препакува и отстранува отпадни хемикалии во течна состојба што се неупотребливи и останати од поранешната фабрика, а кои ќе се извезуваат во странство. Истечена е вода од цистерна во која претходно бил складиран метил акрилат мономер. Откако била испразнета цистерната, фирмата имала обврска да ја исчисти. При миењето попуштил вентил и течноста се излеала во бетонска када што е надвор од објектот. Државниот инспекторат за животна средина при извршениот увид во фабриката „Охис“ зеде примерок, кој ќе биде испитан. Во недостиг од информации за количеството на метил акрилат мономер ослободен и неговата концентрацијата во воздухот, во јавноста се создадоа голема недоверба и загриженост. Поради тоа некои од граѓаните објавуваа фотографии на социјалните мрежи како ги напуштаат своите домови. Исто така, на социјалната мрежа Фејсбук, поранешниот директор на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев појасни дека метил акрилатот е токсична супстанција, која при директен контакт со кожата може да предизвика тешки оштетувања и повреди. Тој посочи дека ако дојде до експлозија на пареа од метил акрилат, се иритира очната слузокожа и се појавуваат чешање и солзење на очите, а при поголеми концентрации може да се оштети и видот.

– Во зависност од времето на изложеност на метил акрилат, може да се случи и нарушување на респираторниот систем, проследено со печење во грлото и градите, кашлица, отежнато дишење, а при поголеми концентрации може да настане оток на белите дробови или токсичен белодробен едем, кој е потенцијално смртоносна компликација – напиша Чибишев.

Тој исто така посочи дека за заштита при таква хаварија треба да се евакуира населението во радиус од 50 метри од местото на инцидентот, додека, пак, доколку таа е од потежок степен, се прави евакуација во радиус од 800 до 1.000 метри.
Медиумите објавија дека примероци од хемикалијата што се излеа во фабриката „Охис“ се анализираат во лабораторија при штипскиот универзитет. Остатоците се собрани во специјални буриња и ќе бидат транспортирани во Швајцарија за уништување.

– Констатирано е дека инцидентот е саниран, благодарение и на брзата реакција на сите надлежни институции. Сакам да ги уверам жителите дека не постои никаква опасност, а тоа го покажуваат и мерењата од страна на лабораторијата „Амбикон“, направени со детектор за органски испарливи компоненти, кој покажа дека нема концентрација на метил акрилат мономер во зоната на објектот – напиша заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули на Фејсбук.

Фирмата „Екоцентар 97“ била задолжена за чистење на оваа хемикалија, а ова ѝ е прво искуство со ваква материја. Директорот на компанијата Владо Момировски посочува дека фирмата нема вина, туку дека откажал вентилот, кој бил дотраен.
Инцидентот во „Охис“ ги разгневи и граѓаните и екоактивистите, кои прашуваат како е можно луѓето да се задушуваат два дена.

– Зошто ако не е „хаварија“, армијата беше внатре и зошто надлежните по два дена излегоа пред камерите да објаснат, а не веднаш? Некој треба кривично да одговара – велат од коалицијата „О2“.

Екоактивистот Тони Никушевски, кој е обучен за управување со опасен отпад, тврди дека се направени пропусти.

– Не видовме како се држи оваа работа под контрола, во смисла на поставување ограда од мерни инструменти што може да детектираат концентрацијата на одреден радиус во оддалеченост од самото место за инцидентот – изјави Никушевски.
Метил акрилат мономер е само една од многу хемикалии што се присутни на територијата на некогашната фабрика „Охис“, меѓу кои има и жива, пестициди… За најопасен се смета линданот, од кој, според холандски научници, покрај почвата и водата, се контаминирани и самите објекти во „Охис“. 


Пендаровски: Загадувањето ќе биде тема на следната седница на Советот за безбедност

Поради сѐ поголемото загадување од разни извори, претседателот Стево Пендаровски најави дека тоа ќе биде тема на наредната седница на Советот за безбедност, бидејќи, како што објасни, проблемот може да се реши само со координација и вклученост на сите надлежни институции во земјава.
– Проблемот со загадувањето може да се реши само со координација и вклученост на сите надлежни институции. Затоа ќе ја интензивирам комуникацијата со граѓанските организации што дејствуваат во полето на екологијата. Во мојот одговор на отвореното писмо од здружените граѓански организации и иницијативи, повикав претставници од потписниците на писмото на средба во мојот кабинет на 14.11.2019 во 13.30 часот. Исто така, проблемот со загадувањето планирам да биде точка на следната седница на Советот за безбедност – најави Пендаровски.