Одговорните и натаму бараат решение за најопасниот отпад во ОХИС

92

Винил хлоридот, една од најопасните материи се чува на специјална температура, под 20 степени затоа што е лесно запалива. Има физичко обезбедување на цистерната од 24 часа и состојбата е под контрола, информираше Владо Момировски од Еко центар 97, фирмата која доби тендер да го отстрани опасниот отпад од поранешната фабрика ОХИС.

– За винил хлоридот немаме решение. Тоа е високо токсична материја, за која е потрбна посебна процедура за транспорт. Тој е лесно запалив и може да предизвика хаварија. Скоро сите земји на ЕУ се ослободија од него, кај нас се чува преку 30 години. Сега имаме контрола со мониторниг, замислете што би можело да се случи во изминатите 10 години кога немало никаква контрола? За него, ќе треба да почекаме и да видиме каде ќе се уништува, постојат само две такви печки во Германија – рече Момировски.

Останатите 11 опасни материи се спакувани во специјални буриња, се чуваат во маграцин и не претставуваат опасност за хаварија, информираат од Еко центар 97.

Како што рече, Момировски, овој отпад откако ќе ги помине сите потребни контроли, ќе заврши во горилница во Швајцарија.

– Ова е комплексен процес, отпадот треба да мине низ 7 држави кои треба да одобрат, а при тоа да се транспортира и однесе безбедно. Овде има отпад од 65 до 70 тони кој треба да се уништи. За сета процедура имаме ангажирано и консултанска куќа, Еко мозаик, која ни помага да ја обезбедиме документацијата – рече Момировски.

Тој не знаше да каже дали има друг неиндентификуван отпад во кругот на фабриката, а за истекувањето на цистерната повтори дека нема опасна супастанца во воздухот.

Од компанијата велат доколку Министерството утврди дека имало пропусти, тие се подготвени да се носат со изречените мерки.