Објавен конкурс на Град Скопје за најголем придонес во заштитата на животната средина

104

Град Скопје распиша јавен конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда или институција, најубав состав на тема екологија и најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните и средните училишта. Конкурсот, се распишува во рамки на традиционалната акција „Денови на пролетта – Денови на екологијата“ со цел промоција и популаризирање на грижата за животната средина и за природата. Пријавувањето трае до 15 мај 2019 година, информираат од Град Скопје.

Според јавниот конкурс, ќе се избира: најеколошка компанија (фирма со успешна примена на стандарди и придонес во зачувувањето на животната средина), најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областите на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и сл.), најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција,фирма или стопански објект), најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта), како и најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта).

Пријавите на заинтересираните граѓани, невладини организации, јавни установи, претпријатија и други правни и физички лица се доставуваат по пошта на адресата Град Скопје – Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден, број 82 или во архивата на Градот, како и на телефонскиот број 02/3297-273.

Како што информираат од Град Скопје, за првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари. За четвртата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари. За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.